АктуелноЛокално

Селективна правда во случајот „Пулс“ – Дискотека или мрежа на дрога, корупција и институционален криминал?

Случајот со кочанската дискотека „ПУЛС“ добива размери што далеку ги надминуваат границите на локален инцидент. Наместо еден кафе-бар, приказната открива мрежа во која се вкрстуваат интересите на полицијата, судството и локалната власт. Од дрога на големо, до одбивани притвори, заштитени полициски службеници и игнорирани пријави – ова е хроника на селективната правда што граѓаните ја нарекуваат „архитектура на заштита“.

Иако јавно е познато дека под команда на актуелниот началник на криминалистичката полиција во Кочани, Томо Донев, во „ПУЛС“ се продавала дрога на големо, тој не само што не е под истрага, туку по тужбено барање добил судска одлука да се врати на работна позиција како инспектор за дрога и оружје – токму во делот кој, според сомнежите, не функционирал.

Одлуката ја донел судијата Ванчо Трајков, под мандат на претседателот на Основниот суд Кочани, Спиро Борисов – кој, пак, како што покажуваат објавени фотографии, бил гостин во самата дискотека „ПУЛС“. Во една од сликите што кружат на социјалните мрежи, Борисов е фотографиран во локалот, што дополнително ги подгрева сомнежите за неговата неутралност.

Според информации на Буре весник, Јавното обвинителство поднело барање за притвор на сменоводителот во ПС Кочани, Драган Казак Петрушев, кој ноќта пред пожарот во „ПУЛС“ имал телефонска комуникација со сопственикот Дејан Јованов (познат како Деко). Повикот бил евидентиран во 22:26 часот, со содржина во која Петрушев го информира Јованов за претстојна полициска контрола во кафе-барот „Класик“.

Се поставува прашањето – дали ова е изолиран случај или дел од поширок модел на предупредување, координација и прикривање?

Централна улога во оваа приказна игра и Александар Саздов, вработен во Одделот за внатрешна контрола (ОВККИПС) при СВР Штип. Според повеќе извори, Саздов бил лицето до кого редовно пристигнувале претставки од вработени во ОВР Кочани, од други институции и од загрижени граѓани. Но сите пријави завршувале со ист епилог: „неосновани“ или „без докази“.

„Саздов важи за недопирлив – ги преживува сите министри, сите власти, секогаш со заштита од врвот,“ тврди извор од СВР Штип.

Иронијата е што токму тој требало да биде филтерот кој ја штити полицијата од корупција, а се чини дека станал дел од мрежата што ја одржува.

На фотографиите кои Буре весник ги објави, се гледаат поврзани лица:

  • Со црвено е обележан Саздов Александар.
  • Со сино – Владо Петров, Јане Трајчев и Боби Гидиоски (веќе во притвор).
  • Со зелено – Димче Аврамов од Одделението за јавен ред и мир.
  • Со црно – ВД командирот на ПС Штип, означен како дел од истата структура.

Иако дел од нив веќе се наоѓаат под мерки, клучните фигури сè уште се активни во институциите. Дел од нив дури добиваат унапредувања.

Случајот „ПУЛС“ не е само локална трагикомедија со дрога и дискотеки. Тој е лакмус за севкупниот правосуден и безбедносен систем.

  • Како е можно полициски службеници да предупредуваат сопственици на локали за претстојни акции?
  • Зошто судот одбива предлози за притвор со силна аргументација?
  • Зошто Внатрешната контрола се однесува како Внатрешна заштита?

Граѓаните на Кочани, но и пошироко, заслужуваат вистина и одговорност. Досега, добиваат само молк и селективна правда.

Z P

Zvezdanka Pesikj