АктуелноЛокално

Македонштина на батерии: Патриотизам за народот – бугарски пасоши и бизниси за фамилијата на Мицкоски

Во земја каде што политичарите секојдневно се тркаат кој погласно ќе ја брани “мајка Македонија”, премиерот Христијан Мицкоски изгледа ја води играта – не со дела, туку со дволичност од највисок калибар. На збор – тврдо против Бугарија. На дело – фамилија вкопана до гуша во бугарски фирми, пасоши и бизниси. Тоа, драги сограѓани, не е лицемерие. Тоа е патентирана македонска варијанта на „патриотизам на џубокс“.

Додека Мицкоски на јавна сцена се фрла во антибугарски говори, неговите најблиски роднини – баџанаци, братучеди и балдази – веќе одамна си ја испишале историјата на успешни бугарски „пријателства“… со даночен број и печат на фирма.

Бугарската телевизија БТВ го потврди она што одамна се шушкаше: Мицковски може да зборува за „национално достоинство“, ама фамилијата му седи на бугарски фотељи. Баџанакот Јорданчо Јанев си има свој кабинет веднаш до градоначалникот на Петрич. А таму, во срцето на “непријателската земја”, цутат фирмите „Дано транс“ и „Инфинити транспорт груп“, управувани од најблиски роднини на македонскиот премиер.

Ако народот си верува дека бизнис со Бугарија е „предавство“, тогаш што е ова? Патриотски фриленс? Или можеби фамилијарна политика за „економски патриотизам“, само надвор од границите на Македонија? Не е чудо што се моли во ВМРО-ДПМНЕ со три прста – еден за Македонија, еден за фирмите во Бугаријаи еден за парите украдени од државата.

Секако, нема ништо незаконско во тоа да се има бизнис во странство. Но, кога истите тие кои со години ги демонизираа своите политички противници за “бугарштина”, сами градат империја преку фирми, пасоши и кабинети во Бугарија – тогаш веќе не зборуваме за политика, туку за шизофрено политичко лицемерие.

Додека народот се замајува со лажен патриотизам, со државен врв што демек не попушта пред Софија, фамилијата си напредува… баш таму. Во земјата која на Мицковски му е проблем на говорница, а решение на неговата фамилијарна банкарска сметка.

Добредојдовте во „Северна Иронија“ – каде што фамилијата секогаш знае каде е вистинскиот интерес. А народот? Нека си вее знамиња и нека ја пее Заветна.