О2 Иницијатива: Водите во Тораничка и Крива Река екстремно загадени – „петта класа“, несоодветни за било каква употреба
На 14 март 2025 година се случи еколошки инцидент во рудникот Тораница, по што дојде до излевање во Тораничка и Крива Река. О2 Иницијатива денеска објави алармантни резултати од анализите на водата собрани од неколку независни извори.
Клучен заклучок: Водата на денот на инцидентот и ден потоа е класифицирана како ПЕТТА КЛАСА – што значи дека не смее да се користи за ниту една намена, а концентрациите на штетни материи се акутно токсични за водениот свет.
Анализите на водата земена од повеќе точки на Крива и Тораничка Река покажаа дека на денот на еколошкиот инцидент и деновите потоа, концентрациите на тешки метали (како кадмиум, олово, манган и цинк), суспендирани материи, цијаниди и други штетни соединенија биле драстично над максимално дозволените граници – во некои случаи и до 263 пати – што ја класифицира водата во петта класа, односно како многу загадена и неупотреблива за било каква намена, со нивоа на токсичност кои директно го загрозуваат водениот и копнениот жив свет.
Според примероци земени од риболовниот клуб „Мрена“, кај селата Жидилово и Узем, забележани се високи нивоа на суспендирани материи, матност, олово, кадмиум и манган. Во примероците земени од концесионерот Булмак 2016, водата од Тораничка Река содржела до 77 пати повеќе кадмиум и над 10 пати повеќе манган од максимално дозволеното. Исто така, во примерок од Крива Река кај Крива Паланка, утврдени се 14 пати повеќе цијаниди, 10 пати повеќе олово и високи концентрации на амониум, фосфор, нитрити и вкупен азот.
О2 Иницијатива посочува дека овие резултати се сериозен показател за акутно загадување на водата со директна закана за живиот свет и човековото здравје. Од таму истакнуваат:
„Овие податоци потврдуваат дека загадувањето не е само локален проблем, туку е закана што може да се прошири по текот на реките. Недозволиво е институциите да не преземат брза и транспарентна акција.“
О2 Иницијатива ја критикува реакцијата на Државниот инспекторат за животна средина, посочувајќи дека на самиот ден на инцидентот не биле земени примероци од повеќе локации, што остава простор за прикривање на реалната слика за обемот на загадувањето.
Организацијата доставила официјално барање до Министерството за животна средина, со кое бара:
- Независно супервештачење на теренот;
- Идентификација на изворите на загадување;
- Проценка на влијанието врз живиот свет, водите и почвата;
- Одговорност од страна на надлежните институции и концесионерот.
„Јавноста има право да знае што се случува со нашата животна средина. Бараме итна и транспарентна постапка со учество на независни експерти“, велат од О2 Иницијатива.
О2 Иницијатива: Водите во Тораничка и Крива Река екстремно загадени – „петта класа“, несоодветни за било каква употреба