АктуелноЛокално

Законски аномалии – смената на јавниот обвинител открива сериозни пропусти во правосудниот систем

Во Македонија, по најавите на Владата за смена на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, се отвори сериозна полемика за работата на обвинителството и за изборот на ново раководство. Оваа иницијатива предизвика големи реакции во јавноста, а како основна причина за оваа одлука беше наведено незадоволството од неговото досегашно работење, со посебен акцент на неодамнешните инциденти со назначувањето на раководител на Вишото јавно обвинителство надвор од законските рамки.

Но, покрај оваа иницијатива, на површина испливаа и сериозни законски аномалии кои ја доведуваат во прашање ефективноста на јавните обвинители во земјата. Законските измени направени пред пет години, кои ја регулираат работата на Јавното обвинителство, создадоа системска состојба која, според експертите, ја ограничува способноста за избор на квалитетен и независен јавен обвинител. Овие измени ја поставија ситуацијата каде што јавниот обвинител мора да биде избран од веќе постоечките обвинители, што ја затвора конкуренцијата и го ограничава пристапот на нови и квалитетни кадри од други правни области.

Затворениот круг на избори за јавен обвинител

Согласно измените на Законот за Јавно обвинителство од 2020 година, изборот на јавен обвинител е строго ограничен. За да се биде избран, кандидатот мора да има најмалку десет години работно искуство како јавен обвинител или судија, а целокупниот процес на избор е во рацете на Советот на јавни обвинители, кој веќе ја контролира структурата на обвинителството. Ова создава ситуација во која изборот на јавен обвинител е повеќе или помалку затворен процес, ограничен на оние кои веќе се дел од обвинителската фела. Овој систем го спречува влезот на нови, квалитетни кандидати, како што се адвокати или професори по право, кои би можеле да донесат свежи идеи и нови перспективи во работата на обвинителството.

Во претходниот правен систем, законот дозволуваше поширок избор на кандидати за јавен обвинител, вклучувајќи адвокати, истакнати правници, и професори по право, што овозможуваше поголема конкуренција и избор на најквалификуваните кадри. Ова ја зголемуваше довербата во обвинителството и помагаше во градењето на правниот систем како целина.

Експертите сметаат дека, доколку сакате да се постигне вистинска промена во работата на обвинителството, потребно е да се врати претходниот законски систем, кој дозволуваше поширок избор на кандидати. Овие измени, кои го ограничуваат изборот, создаваат опасност јавните обвинители да останат во затворен круг без конкретни резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Некои познавачи на правниот систем истакнуваат дека ова е свесно направено за да се задржи контрола врз предметите и да се оневозможи ефикасно решавање на случаите.

„Ако не се направат сериозни измени во Законот за Јавно обвинителство, ниедна смена на јавен обвинител нема да доведе до поголема промена. Ќе останеме со истите проблеми, со истите обвинители кои сега се дел од системот“, велат експертите.

Ситуацијата со смената на јавниот обвинител и актуелните законски аномалии ја ставаат под прашање ефикасноста на македонскиот правосуден систем. Иако иницијативата за смена на Коцевски може да биде одреден чекор кон промена, за вистинска реформа потребно е да се промени законскиот систем кој ја поставува обвинителската структура како затворен круг. Само со отворање на процесот и дозволување на поширок избор на кандидати може да се обезбеди квалитетен кадар за борба против криминалот и корупцијата.

Z P

Zvezdanka Pesikj