Дете откинато од прегратките на мајката – варварски чин на ЦСР Охрид
Уште еден шокантен случај кој го потресе јавноста, Центарот за социјална работа (ЦСР) Охрид повторно се најде во центарот на вниманието, овој пат поради брутално постапување при одземање на дете од неговата згрижувачка мајка. Оваа институција, која треба да се грижи за доброто на децата, сè почесто се поврзува со контроверзни одлуки, арбитрарни мерки и нехумано однесување кон ранливите категории граѓани.
„Пред околу шест години, една хумана жена од Охрид реши да посвои дете преку ЦСР. Наместо да ужива во удобноста на животот како сингл жена, таа ја посвети својата енергија и љубов на едно дете од социјално загрозено семејство. Негувајќи го како свое, таа му пружи љубов, стабилност и поддршка во сите аспекти од животот – од училишните обврски до спортските активности и социјалниот живот. Нивната поврзаност беше толку силна што детето само почна да ја нарекува „мамо“.
Но, наместо поддршка, оваа жена наиде на непријателство од вработените во ЦСР Охрид. Наместо да ја ценат нејзината пожртвуваност, тие започнаа хајка против неа, обвинувајќи ја за нереални пропусти и наоѓајќи начини да ја дискредитираат. И покрај фактот што детето било среќно и имало здрав развој, институцијата донесе одлука да го одземе и да го додели на друга згрижувачка во Кичево, без јасни објаснувања или транспарентна постапка.
Во четвртокот, 27 март 2025 година, извршители од ЦСР Охрид насилно го одзеле детето од училиштето. Наместо да почекаат да заврши школската година, како што замолило училиштето за да го заштити детето од дополнителен стрес, извршителите биле немилосрдни. Влегле во школото, пред очите на наставниците и соучениците, и го однеле детето, оставајќи го во шок и траума. Неговите другари од класот почнале да плачат, како и наставниците, сведочејќи за немилосрдната постапка.
Како да не беше доволно што детето беше насилно одземено, извршителите подоцна го однеле во домот на згрижувачката мајка за да си ги земе своите работи. Таму, во присуство на детето, тие биле вербално агресивни кон жената. Очигледно свесно за ситуацијата, детето почнало да снима и да испраќа пораки во училишни групи викајќи: „Овие многу и викаат на мама! Некој нека дојде да и помогне!“ – пишува во статусот на една загрижена мајка.
Случајот отвора сериозни прашања за начинот на кој функционираат Центрите за социјална работа во Македонија. Наместо да работат во интерес на децата, тие се чини дека водат лични војни и носат одлуки без транспарентност и без вистинска грижа за благосостојбата на малолетниците. Кој ја носи одговорноста за траумата што ѝ е нанесена на ова невино дете? Како е можно институцијата да биде толку нечувствителна кон најранливите?
Овој случај не смее да биде заташкан. Потребна е итна истрага и одговорност за сите инволвирани во оваа трагедија. Македонија мора да докаже дека нејзиниот социјален систем не е машина за злоупотреба, туку вистинска заштита за оние на кои им е најпотребна.