Синдикатите под жесток напад на провладините структури: Политичката пресметка на власта има за цел да ги дискредитира работничките права
Во пресрет на најавените синдикални протести, јавноста сведочи на зголемени напади врз синдикатите, кои доаѓаат главно од владејачките структури и нивните медиумски поддржувачи.
И покрај повиците „да се остават институциите да ја вршат својата работа“, се чини дека главниот фокус се насочува кон дискредитација на синдикалното организирање, наместо кон решавање на реалните проблеми на работниците.
Некои реакции на власта и блиските структури упатуваат на обиди да се прикаже синдикалното делување како политичка игра, додека активистите тврдат дека токму владејачките партии и стопанските коморите се тие што ја злоупотребуваат политиката за своите лични интереси.
„Борбата со системот изгледа најмногу испадна борба против работничкото организирање за владејачката партија. Кој би рекол…“, се наведува во реакциите на синдикалните поддржувачи.
По најавените протести на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за зголемување на платите, активистите предупредуваат дека власта ќе продолжи со истата стратегија на дискредитација.
„Очекуваме уште утре да започне престројување на партиската машинерија, со нови антидржавни етикети против ССМ и секој што ќе ги поддржи протестите, исто како што се случи со трагедијата во Кочани“, се реагира на социјалните мрежи.
Синдикатите остануваат на ставот дека нема да дозволат нивните барања за подобри работнички права да бидат затскриени од политички пресметки. Се очекува протестот закажан на втори април да продолжи со уште поголем интензитет, додека работниците бараат конкретни решенија, а не политичка реторика.