АктуелноЛокално

Додека народот гори од бес, владата седи во сенка

  • Народот бара правда: Владата глува за трагедијата во Кочани

Со бес, разочараност и решителност, граѓаните се собраа пред Собранието, барајќи правда за 59-те изгубени животи во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Движењето „Кој е следен“ го организираше протестот, кој јасно ја испрати пораката: системот е нефункционален, институциите се неспособни, а трагедиите се резултат на политичка негрижа и корупција.

Додека граѓаните протестираат, владата молчи. Одговорноста ја префрлаат од една институција на друга, а Собранието реши да не заседава, како да не станува збор за човечки животи. Наспроти оваа институционална летаргија, протестантите гласно порачуваат: „Системот не функционира, а јавноста нецелосно информирана за да се заштитат индивидуалци или групи кои владееле со Македонија.“

Движењето бара итно објавување на целата документација поврзана со работењето на „Пулс“ од 2012 година до денес.

„Бараме да се објави документацијата за да видиме дали бил извршен надзор врз работењето низ годините откако работела дискотеката“, истакна Борјан Ефтимов од „Кој е следен“.

Овој протест не е само за Кочани – тој е симбол на системскиот колапс кој убива граѓани со години. Протестантите повикуваат на обелоденување на случаите со „Беса Транс“, „Дурмо Турс“, Онкологијата и модуларната болница, во кои, наместо правда, јавноста доби молк.

Владата ја игнорира трагедијата, но народот нема да молчи. Организаторите предлагаат формирање на граѓански сервис „Е-инспекторат“, кој ќе овозможи транспарентен увид во работата на инспекциските служби и ќе спречи нови катастрофи. „Предлагаме секој граѓанин да има увид во тоа кој објект бил подложен на надзор, а кој не“, вели Игор Антов од иницијативата „Кој е следен“.

Ова не е политички протест, ова е граѓанска борба против владејачкиот систем кој со години убива со својата негрижа. Време е власта да ги слушне граѓаните и да преземе одговорност, бидејќи секоја минута молк значи нова потенцијална трагедија. Народот повеќе нема да чека.

Z P

Zvezdanka Pesikj