Системски неуспех: Насилникот од Радовиш со богато криминално досие повторно на слобода
Денес, во Македонија, насилникот од Радовиш, кој брутално претепа бремена жена, е на слобода. Иако Министерството за внатрешни работи реагираше брзо, нефункционалните законски решенија оневозможија било каква правна постапка против него. Ова е директен резултат на лошо креираниот правен систем, кој не ги штити најранливите.
Дополнително, овој насилник не е првпат во фокусот на правосудниот систем – против него веќе се води судска постапка за семејно насилство, по претходна пријава од друга жртва. Се поставува прашањето: колку жртви треба да страдаат додека институциите не преземат конкретни чекори за негова одговорност? Судот сега има обврска да реагира експресно, бидејќи секој ден на слобода за ваков човек претставува потенцијална опасност за нови жртви.
Во овој случај, правниот вакуум е очигледен:
Според член 130 став 2 од Кривичниот законик, кривичното дело „телесна повреда“ се гони само доколку жртвата поднесе формален предлог за гонење.
Во овој случај, жртвата одлучила да не поднесе предлог – што значи дека државата, и покрај јасните докази, не може да преземе ништо.
Но, ова не е само индивидуален случај, туку системски проблем. Во развиените земји, семејното насилство се гони по службена должност, бидејќи често жртвите се во состојба на страв, зависност или манипулација и не можат сами да побараат заштита. Македонија, пак, сè уште дозволува насилниците да се извлечат доколку жртвата – поради што било – не поднесе формален предлог.
Не се институциите тие што потфрлија – туку законодавците што ги создадоа овие правила. Само пред два месеци, Левица поднесе предлог-закон со кој семејното насилство ќе се гони без потреба од согласност на жртвата. Но, пратениците од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ одбија да гласаат за овој предлог, само затоа што дојде од Левица.
Резултатот? Денес на слобода е човек со криминално досие кое вклучува:
Криумчарење мигранти
Напад врз полицаец
Условна осуда за претходни тепачки
Објавени видеа во кои се заканува со убиства и користи недозволени супстанци
Доколку пратениците од владејачкото мнозинство не иницираат итни законски измени за гонење на семејно насилство без согласност на жртвата, Левица повторно ќе го поднесе истиот предлог.
Нема повеќе изговори. Ова не е проблем на „системот“ – ова е проблем на оние што го креираат и одржуваат нефункционален. И тие имаат имиња и презимиња.