Македонската влада го загрозува опстанокот на Македонците во Мала Преспа
Од вчера, македонските гранични служби почнаа да го попречуваат влезот на Македонците од Мала Преспа, Албанија, кои секојдневно патуваат во Македонија за работа. Според информациите, на овие луѓе им се ускратува влезот преку граничниот премин Стење-Горица под изговор дека во системот стои оти престојувале во земјата повеќе од дозволените три месеци, иако нивните патувања се секојдневни и никогаш не остануваат подолго од еден ден.
Оваа блокада директно ја загрозува егзистенцијата на Македонците во овој регион, бидејќи нивната сезонска работа во Преспа и Ресен е единствен извор на приходи за нивните семејства. Македонската погранична полиција дури ја информирала и албанската страна да го спречува нивниот излез од Албанија, што дополнително ја усложнува ситуацијата.
Македонска алијанса за европска интеграција, како единствена македонска партија во Албанија, реагира на оваа одлука и бара итна интервенција од македонската влада. Ова е првпат во последните 25 години да се воведе ваква рестрикција, што го доведува во прашање правото на движење и економскиот опстанок на Македонците од Мала Преспа.