АктуелноЛокалноСтав

Куцуловски: Систем во колапс – Трагедиите како последица на 35 години корупција и незаинтересираност

Фокусот на јавноста во изминатите денови e трагедијата во Кочани, најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Животот го загубија 59 млади луѓе, а причините лежат во бројни системски пропусти на државата, корупција и политичката незаинтересираност  на валдејачките гарнитури.  Загубата е преголема, тагата исто така, но присутно е и чувството на немоќ, да се променат работите кон подобро. Повторно  се зборува за несреќата кај Ласкарци, за Стајковци, пожарот во модуларната болница во Тетово, случајот со онкологија, потонувањето на бродот Илинден  и многуте редовни сообраќајни несреќи со смртни последици. По сите овие трагедии ништо не се промени. Заклучокот е дека системот има доживеано тотален колапс после 35 години опортунистичко владеење на политичките елити кои се купени од ситниот и крупниот капитал во државата. Во изминатите 35 години ДПМНЕ и СДС како и нивните коалициони партнери не само што  паднаа на испитот за правично владеење, туку воведоа коруптивни практики кои станаа вообичаена,  редовна пракса. Со тоа ги избркаа младите во странство. Младите луѓе не се чувствуваат безбедно и сигурно,  а тие што останаа стравуваат за својата иднина и своите животи. 

Системскиот колапс предизвикан од најголемите партии во Македонија се одразува буквално во секоја сфера на секојдневниот живот на граѓаните. Дали да ги набројуваме сите катастрофи кои се случуваат и го загрозуваат животот на граѓаните?

Да го земеме за пример загадувањето. Оваа година Македонија повторно рушеше рекорди со аерозагадувањето.  Излезе на виделина увоз на токсичен отпад кој се продавал како мазут. Дополнително се соочуваме со енормно загадување на реките, почвата, езерата и градовите. Неслучајно ги спомнувам овие проблеми затоа што и тие се производ на системскиот колапс. Решението на овие проблеми треба да го бараме кај одговорните министерства. Еколошките проблеми ги адресираме во Министерството за животна средина и просторно планирање каде што ресорен министер е Изет Меџити. Но тука се поставува прашањето: како можеме ние да бараме одговорност и решенија од човек кој е познат во јавноста како „крал на дивоградбите“ и воедно најголемиот сојузник на градежната мафија? Системот (ДПМНЕ) дозволил овој човек да стане министер имајќи ги во предвид неговите сомнителни дела уште пред да стане министер. Во изминатиот период министерот Меџити нема покажано никаков интерес за заштита на животната средина. Ниту за аерозагадувањето ниту за отпадот од секој вид кој ќе не затрупа. Неговите паушални изјави за гасификација и создавање на регионални депонии се неизводливи и неефикасни. За еколошките катастофи кои ни се случуваат редовно, не се нудат решенија и програми за нивно надминување. Системски колапс на дело.             

Оваа пролет почнаа да се горат стрништата по котлините и полињата. Тие веќе предизвикаа огромни пожари низ целата држава (од кој еден беше во предградието на Струмица). Дали повторно не очекува пеколна сезона со пожари? Министерот Изет Меџити не покажува никаков интерес за превентивни мерки за спречување на пожари. Има ли абер за надминување на системските пропусти кои, во минатите години, доведоа  до еколошки катастрофи? Скоро се случи и Катастрофата кај Крива Паланка  кога браната со јаловина на рудникот Тораница се изли во Крива река и го упропасти еколошкиот систем на реката. Немаме информации за дали се казнети концесионерите на рудникот.

Злосторничкиот конзорциум Бехтел и Енка безмислосно пустоши во Прилеп и околината како и во Полог. Министерот Меџити се гордее на досега завршената работа, оставајќи ги граѓаните од Прилеп и Гостивар да се дават во прашина и сами да се борат за нивното здравје. Животот на обичниот граѓанин е небитен, битно е бизнисот да цвета, макар и по цена на здравјето на луѓето. Да не се лажеме, не може да очекуваме системски промени од кусогледи политичари, особено од политичари кои свесно го користат нефункционалниот систем за сопствено богатење и за бизнис зделки. И не може да очекуваме промени од политчки партии кои за време на 35 години го имаат создадено овој систем.

Радикални промени се неминовни. За такви промени се потребни нови млади кадри кои не се плашат да му се спротистават на статус квото. Ситните души кои во јавноста ги напаѓаат младите кои се борат за правда и промени се само последни обиди на овој систем, создаден од СДС и ДПМНЕ, да остане жив. Ни ја украдоа државата, ни ја запалија иднината. Или тие или ние, немаме повеќе време.