Јовановска: Родителите револтирани – Деца со попреченост три месеци без лични асистенти
Родители на деца со попреченост од источниот дел на Македонија реагираат на сериозниот проблем со недостиг на лични асистенти, иако оваа услуга им е законски загарантирана. Според координаторката на Секторот за социјала при партијата Левица, Катерина Јовановска, децата од Штип, Кочани, Свети Николе и Пробиштип од јануари годинава се без лична асистенција поради непотпишани договори со провајдерите.
„Родителите се револтирани бидејќи нивните деца со попреченост веќе три месеци се оставени без поддршката што им е неопходна за извршување на секојдневните активности. Договорите со провајдерите истекоа на 31 декември 2024 година, а нови сè уште не се склучени,“ изјави Јовановска на прес-конференција.
Од Левица поставија неколку прашања до надлежните институции, барајќи објаснување зошто Министерството за труд и социјална политика сè уште не ги потпишало договорите, како и зошто ниту еден од 66-те активни провајдери не бил ангажиран за обезбедување на услугата личен асистент за 2025 година.
Јовановска потсети дека Владата повеќепати најавуваше решавање на овој проблем, но досега не презела никакви конкретни мерки.
„Ситуацијата е алармантна. Владата не само што не обезбеди лични асистенти за сите лица на кои им се потребни, туку сега и оние што претходно ја имаа оваа услуга, останаа без неа. Личните асистенти се клучни за децата со попреченост, бидејќи им помагаат во нивното секојдневно функционирање,“ нагласи Јовановска.
Таа истакна дека лошите работни услови и ниските примања се причина за сè помал интерес за оваа професија. Личните асистенти работат со договор на дело за месечен надомест од 17.000 денари, кој, како што посочи, е понижувачки и често се исплаќа со задоцнување.
Левица ја повика Владата итно да потпише договори за обезбедување на услугата личен асистент во погодените градови и да ги подобри условите за работа на асистентите, со цел сите лица со попреченост да ја добијат неопходната поддршка.