Да го сменевте законот ќе се гонеше по службена должност – насилникот пуштен на слобода, жената не сака да го гони
Министерството за внатрешни работи (МВР) ја информира јавноста дека по објавувањето на видео записот на социјалните мрежи, во кој машко лице насилно се однесува кон женско лице, службите на СВР Струмица ги презеле сите потребни мерки за истрага на случајот. Насилникот, идентификуван како А.А. (35) од Радовиш, е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш.
Настанот беше пријавен на 23 март 2025 година од мајката на жртвата. Според информациите, по добиената пријава, полицијата презела соодветни мерки и утврдила дека настанот се случил во јули 2024 година. Жртвата, за време на службениот разговор, потврдила дека видео записот кој беше споделен на социјалните мрежи потекнува од тој период.
Од полицијата истакнуваат дека во случајот постои сомнение за сторено кривично дело “телесна повреда”. Сепак, бидејќи жртвата изјавила дека не сака да поднесе предлог за гонење, случајот бил истражуван согласно законските прописи. Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш беше информиран за настанот и по негови насоки, на 25 март 2025, против А.А. била поднесена кривична пријава.
Од МВР додаваат дека продолжуваат со понатамошни дејствија за целосно испитување на случајот и утврдување на сите околности.
Левица: Потребна е промена на Законот за семејно насилство
Во меѓувреме, пратеничката група на Левица реагираше на случајот, потсетувајќи на проблемот со актуелниот Кривичен законик. Според нив, постои колизија помеѓу Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и Семјаното насилство и Кривичниот законик. Левица предлага измени во Кривичниот законик со цел телесната повреда при семејно насилство да се гони по службена должност, наместо да зависи од согласноста на жртвата.
„Праксата покажува дека многу случаи на семејно насилство се затвораат бидејќи жртвите го повлекуваат предлогот за гонење. Ова е штетно и треба да се промени. Ако делото се гони по службена должност, тоа ќе обезбеди независна интервенција и ќе ја заштити позицијата на жртвата“, изјави пратеничката Јована Мојсоска на прес-конференција.
Случајот со насилството во Крива Паланка, заедно со реакциите на Левица, ги отвора прашањата за заштитата на жените и потребата од ефикасна правна интервенција во случаи на семејно насилство.