АктуелноЛокално

Левица бара одговорност по трагедијата во Кочани: „Системските пропусти чинат човечки животи“

Трагедијата во Кочани, која го потресе целото македонско општество, го разоткри длабоко корумпираниот систем и сериозните пропусти во безбедносните стандарди. Политичката партија Левица најави серија мерки со цел да се отстранат законските аномалии кои, според нив, ја легализирале корупцијата на одговорните политички фактори.

Партијата преку своите советници веќе побара одговори и документација за состојбата со јавните објекти под надлежност на локалните самоуправи, фокусирајќи се на безбедноста во училиштата, културните домови и угостителските објекти. Според Левица, политичките интереси и желбата за профит на поединци довеле до тоа безбедноста на граѓаните да биде ставена во втор план.

Во наредниот период, советниците на Левица ќе ја мониторираат состојбата со јавните и приватните објекти, со посебен акцент на:

  • Дали училиштата и општинските установи поседуваат соодветна противпожарна опрема и редовно ја сервисираат?
  • Дали имаат важечки елаборат за заштита од пожари и план за евакуација?
  • Дали општините ги спроведуваат програмите за противпожарна заштита?
  • Дали објектите со угостителска лиценца ги исполнуваат безбедносните стандарди според Законот за градење?
  • Дали општините располагаат со техничка документација за секој објект во нивна надлежност за брза евакуација во случај на непогоди?

Левица најави дека ќе продолжи да алармира за сите пропусти и незаконитости со цел итно подобрување на безбедносните стандарди. Партијата повика на одговорност од институциите и нагласи дека ќе преземе конкретни чекори за закрепнување на системот, кој, според нив, со години е оставен да тоне во корупција и неодговорност.