Без работниците, без социјален дијалог – Владата сама ја одреди минималната плата
Владата повторно покажа дека работниците и синдикатите не ѝ се приоритет. Наместо да седне на маса со претставниците на работниците и да се договори за минимална плата од 500 евра, таа самостојно донесе одлука за минималната плата, без да се консултира со Економско-социјалниот совет (ЕСС).
Социјалниот дијалог во Македонија е официјално мртов – Владата го заобиколи ЕСС и самостојно ја утврди минималната плата на 1.800 денари (или 30 евра), што е далеку од очекувањата и реалните потреби на работниците. Ова не е вистинско зголемување, туку само формално усогласување со порастот на животните трошоци. Додека цените вртоглаво растат, Владата ги игнорира синдикатите и донесува одлуки зад затворени врати, како да е приватна корпорација, а не демократска институција.
Синдикатите бараат минималната плата да достигне 500 евра, што е единствено праведно решение во услови на огромна инфлација и постојан раст на цените на основните продукти. Наместо тоа, Владата продолжува со пракса на непочитување и омаловажување на работниците, кои се двигател на економијата.
- Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, предупреди дека ваквото однесување на Владата е неприфатливо и дека синдикатите нема да го премолчат. „Првпат од 2012 година минималната плата е одредена без работниците. Владата покажа дека може да носи одлуки без да ги консултира оние што се најпогодени од нив“, изјави тој.
Дополнително, Владата цинично тврди дека ќе дозволи работодавачите и синдикатите да се договорат, а потоа ќе интервенира, иако е најголемиот работодавач во државата со 129.000 вработени во јавниот сектор, од кои најмалку 25.000 директно зависат од минималната плата.
Синдикатите веќе најавуваат протести. Додека Владата се крие зад бирократски процедури и игнорирачки став, работниците ќе продолжат да бараат она што им следува – минимална плата од 500 евра, како основен предуслов за пристоен живот. Ако Владата не сака да слуша, ќе мора да се соочи со незадоволството на улиците.