Тамара Јованов: Kако успеавме 33 години да одржиме стабилно статус-кво на корупција и клиентелизам?
- Објава на социјалните мрежи на Тамара Јованов – Професорка на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“, Катедра за менаџмент.
„Самозалажување или како успеавме 33 години да одржиме стабилно статус-кво на корупција и клиентелизам:
Самозалажувањето (самонаметнато искривено верување во лажни концепти, наративи и сл.), слично на желбено размислување (верување во нешто што посакуваме да е вистина за да ни е поубаво или оти така ни одговара), делузија (поекстремни ирационални верувања – на пр. земјата е рамна)… кај нас е присутно до степен на масовна хипноза.
Пропорционално на масовната (зло)употреба на дијазепами.
Имено, луѓето се залажуваат од различни психолошки и емоционални причини. Некои од повлијателните се:
1. Заштита на егото.
Признавањето грешка или слабост може да биде болно. Самозалажувањето помага да се зачува самодовербата и позитивната слика за себе.
2. Избегнување на емоционална болка.
Соочувањето со вистината може да биде вознемирувачко и непријатно. Луѓето затоа се убедуваат себеси дека нешто не е толку лошо како што изгледа, за да избегнат анксиозност, чувство на вина или тага.
3. Когнитивна дисонанца.
Кога реалноста е во спротивност со уверувањата или постапките, мозокот природно се обидува да ја намали непријатноста така што ја прилагодува перцепцијата на реалноста, наместо да се менува однесувањето.
4. Одржување на надежта заради полесно поднесување на реалноста или мотивација.
На пример, верувањето во некој слабо веројатен успех во нештото може да ги мотивира луѓето и да ги натера да продолжат да се обидуваат наместо да се откажат.
5. Општествени, социјални влијанија.
Луѓето се самозалажуваат за да се вклопат, да се усогласат со општествените очекувања или да избегнат конфликт со уверувањата на својата група на припадност.
6. Страв од промени.
Прифаќањето на вистината може да значи потреба од тешки и коренити промени. Затоа луѓето се убедуваат дека работите се во ред такви какви што се или дека промените (иако неискусени) би биле полоши.
Кај нас, под влијание на тешките општествени неправди кои ги имаме доживеано (распад на систем, криминална транзиција, цели генерации осакатени економски и психолошки, нов експлоататорски и нехуман систем базиран на капитализам, наменски уништено образование и сл.), сите овие фактори се силно изразени.
Сериозноста на состојбата пак, доаѓа од ефектот на прелевање од личното самозалажување кон колективно самозалажување преку гласот даден на избори.
Под влијание на овој механизам, 33 години се подава палката на две криминални организации – сдс и дпмне, со сета моќ за одлучување и продолжување на агонијата за истото тоа мнозинство кое ги гласа.
Како инаку некој би можел и да помисли да даде глас на оние кои 2 месеци пред избори си гласале закони за лична амнестија од огромни криминали, кои креирале закони за легална кражба, кои му ги приватизираат јавните добра, кои ги уништуваат сите основни услови за живот… освен преку екстремен степен на самозалажување.
За жал, прекумерното самозалажување, наместо како одбранбен механизам, почнува да функционира како разорен механизам кој произведува лоши одлуки и пропуштени можности за промена и раст.