АктуелноЛокално

Вчера беше погребан Илчо Гоцевски, возачот на Итната медицинска помош во Кочани

Јавноста се прости и изрази длабока почит и благодарност за херојството на Илчо Гоцевски, кој што цела ноќ по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, неуморно превезувал повредени и загинати лица и помагал, во пронаоѓање и препознавање на изгорените деца. По 32 часа напорна и длабоко трауматична работа се вратил дома да се одмори, побарал да му се пушти инфузија за да може се врати и да продолжи, но срцето не го издржало огромниот товар и Гоцевски почина.

Илчо Гоцевски помагал до последен здив, сосем заслужено е нарекуван херој.

Во продолжение пренесуваме и емотивна објава во чест на Илчо. Нека почива во мир.

„Почивај во мир, ХЕРОЈУ!

Со солзи во очите и тежина во срцата денес се простивме од Илчо Гоцевски – човек со големо срце, човек-планина, кој во најмрачните моменти беше светлина за оние што страдаа.

11 пати патуваше до Скопје на кобниот ден, носејќи надеж, спас и утеха. Тој не беше само сведок на трагедијата – беше човекот што ги држеше рацете на повредените, што помогна да се најдат и препознаат оние кои повеќе не можеа да зборуваат… Тој не штедеше ништо, дури ни себеси.

По 32 часа несебична борба за другите, уморот го победи… и никогаш не се разбуди. Но, делото што го остави зад себе ќе живее засекогаш!

Нека оваа објава биде знак на вечна благодарност за неговата жртва. Вистинските херои не умираат – тие живеат во срцата на оние што ги спасиле.

Нека му е светол патот кон вечноста, а семејството нека најде утеха во неговото големо, хумано срце.

Почивај во мир, Илчо!„

Z P

Zvezdanka Pesikj