АктуелноЛокално

Владејачките партии преку наставниците вршат притисок врз учениците да не оддаваат почит за настраданите врсници во Кочани

Средношколци од училиштата ширум државава се жалат дека директорите и професорите во образовните установи се обидувале да ги спречат да не се собираат во чест на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 лица а над 150 се повредени. Од редакцухата на „Слободен печат“ објавија фото и видео материјали, кои потврдуваат дека наставниците прават притисок врз учениците да не одат на собирите поради несреќата во Кочани. Во прилог ви ја пренесуваме нивната информација во целост.

До редакцијата на „Слободен печат“ пристигнаа низа на пораки на ученици кои се жалат на притисоци од страна на директорката на средното медицинско училиште во Прилеп, „Ѓорче Петров“.

Во пораката која ја добивме од ученик на средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“ се вели дека директорката на училиштето вршела притисок учениците да не одат на собирите и се заканувала, дека доколку некој не го не го почитува нејзиниот збор, ќе биде санкциониран.

„Директорката ги собрала претседателите на класовите и им кажала што сме барале да одиме, не сме знаеле од кого е организирано, свеќи во црква се палеле, а не таму кај што ќе ни текнало и дека доколку си заминеме од часовите ќе имало неоправдани и санкции без матура, намалени поведенија итн.

Фото: Принтскрин

„Слободен печат“ ја контактираше директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Жанета Видевска која ги демантираше обвинувањата велејќи дека ова е уште еден атак врз нејзе на која била подложна изминативе месеци.

„Демантирам дека имало притисоци. Ова е уште еден атак врз мене на која сум подложна изминативе месеци.Бидејќи во Прилеп имаше најавено два собири на кои се одаваше почит на загинатите во пожарот во Кочани. Едниот собир беше закажан за 12 часот другиот со почеток 18 часот на градскиот плоштад. Ги собрав претседателите на класовите и им предложив учениците што се прва смена на училиште да одат на собирот во 18 часот а учениците кои се втора смена на собирот во 12 часот, за да не отсуствуваат од настава. Учениците претходно побараа од мене, сите испрашувања, писмени и тестови за знаење да им бидат одложени, а јас како директор им го прифатив нивното барање, и побарав од професорите тоа да го сторат“, рече Видевска.

На притисоци се жалат и од прилепската гимназија „Мирче Ацев“. Иако ја побаравме директорката Весна Михаиловска, сепак одговор на нашите прашања не добивме.

Од притисок се жалат и учениците на ресенската гимназија „Цар Самуил“. Оттаму велат добивале закани од директорката на училиштето иако била привремено на таа функција односно вршител на должност.

„Кога учениците и пристапиле со милост да се организира мирен протестен марш, во кој се повикува на љубов и сочувство, директорката не го прифатила нивниот прв предлог кога тие побарале ослободување после четврти час. Нејсе. Вториот обид бил: во ред кога веќе не оставате да се губи од настава, собирот ќе го организираме после часовите. На ова директорката рекла-НЕ. А во исто време им забранила воопшто да организираат нешто и после школските часови, со директни закани врз нашите деца, дека ќе постапува многу ригорозно врз нив. Овие деца се веќе трауматизирани од оваа жена па многу од нив се уплашија и откажаа, а на некои од децата им викала“, пишува во објава споделена на социјалните мрежи.

Со исти такви притисоци се соочуваат и учениците од средното училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе. Еден од професорите во училиштето, со насмевка на лицето, им се обратил на учениците кои сакале да одат на градскиот плоштад со зборовите: „На Велигден ли ќе одите?“. Друга професорка им велела на учениците дека нема поента да одат на плоштад, а трет професор вината за трагедијата ја префрлил на младите, прашувајќи ги: „Гледате ли што се случува кога одат малолетни?“

Фото: Принтскрин

Во меѓувреме, ученици од Штип се жалат дека професор по музичко ги скинал транспарентите кои тие ги подготвувале цел ден за жртвите во Кочани. Штипјанец за „Слободен печат“ тврди дека „професорот им велел дека не треба да се политизира ситуацијата, а самиот тој имал политичка цел“. По инцидентот, учениците со искинатите транспаренти се упатиле кон гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, каде работи професорот по музичко образование и ги оставиле пред објектот.

Фото: Принтскрин

Друг штипјанец за „Слободен печат“ за истиот инцидент вели дека додека неколку ученички ги изработувале транспарентите, професорот им пришол и им рекол да ги тргнат на страна транспарентите, зашто биле политички, на што тие му одговориле дека не се, а потоа им рекол „вие нема да ги тргнете, дајте ми ги“, по што тие му ги предале транспарентите, а тој ги искинал.

Претходно, истиот професор на часовите им велел дека сѐ што правеле за жртвите во кочани е „политчки настроено“, на што учениците му велеле дека сѐ што правеле и прават еза нивните другари, а не за политика, раскажува штипјанец за „Слободен печат“.

Фото: Принтскрин

Денес се произнесоа и од сојузот на средношколци од каде апелираат на разбирање и поддршка кон учениците бидејќи минуваат низ тежок емоционален период по трагедијата во Кочани. Исто така оттаму ги повикуваат образовните институции да покажат емпатија и разбирање за учениците и тие да не се соочуваат со санкции или дополнителен притисок во наставата.

„Многу млади чувствуваат потреба да ја изразат својата солидарност преку учество во собири и иницијативи за поддршка. Во овој контекст, ги повикуваме образовните институции да покажат емпатија и разбирање за учениците, без да се соочуваат со санкции или дополнителен притисок во наставата. Ова се моменти кога хуманоста треба да биде на прво место. Истовремено, изразуваме загриженост за односот кон учениците во овој чувствителен период. Наместо строги мерки, сега е неопходен дијалог, поддршка и заедничко разбирање. Протестите се крајна мерка која никој не ја посакува, но доколку изостане разумен пристап, реакцијата на учениците ќе биде неизбежна“, се наведува во соопштението.

Средношколскиот сојуз очекува од сите училишта и надлежни институции „да придонесат кон создавање атмосфера на грижа, почит и поддршка, со цел учениците полесно да се справат со овие исклучително тешки моменти“.

Во повеќе градови низ државата синоќа се одржаа собири во спомен на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Граѓаните изразија сочувство и поддршка кон семејствата на загинатите и повредените, барајќи одговорност од институциите. Во меѓувреме истрагата за несреќата продолжува, при што за случајот досега се приведени 18, а задржани 16 лица. Погребите на настраданите се закажани за четврток.