Здравевски: Ова не е држава ова е пекол да не знаеш дали ќе преживееш ако излезеш од дома – дали ќе те згазат на улица или запалат на забава
Ова не е држава, ова е пекол
Последниве два дена сум потресен. Уште не можам да поверувам што се случува. Преоптоварен сум од мисли што не би требало ни да постојат во главата на еден млад човек. Живееме во општество каде што безбедноста е луксуз, каде што секој излез од дома е ризик, каде што не знаеш дали ќе се вратиш жив.
На улица излегувам, но не знам дали ќе бидам прегазен.
Во автобус влегувам, но не знам дали ќе се запали.
Во болница завршувам, но не знам дали ќе преживеам.
Во дискотека одам, но не знам дали ќе има излез.
Во училиште влегувам, но не знам дали воопшто има противпожарен апарат што работи.
На улица чекорам, но не знам дали ќе загинам од залутан куршум.
И ова ли е нормален живот?
Наместо да сонуваме за иднината, ние се плашиме за денешнината. Наместо да градиме планови, ние броиме трагедии. Наместо институции што ќе нè заштитат, имаме корумпирани функционери што секој ден си ги мијат рацете од одговорност.
Ова не е само трагедија – ова е убиство со печат од државата.
Од оние што дозволуваат да се гради без контрола.
Од оние што дозволуваат автобусите да станат гробници.
Од оние што дозволуваат болниците да станат крематориуми.
Од политичари што наместо да градат сигурност, градат профити.
Оваа држава ни беше дадена на готово. Со институции, со систем, со надеж за подобра иднина.
Ја уништија за 30 години.
А што е со животите што ги губиме?
Што е со младите што заминуваат?
Што е со иднината што ја гледаме како исчезнува пред наши очи?
Секој од нив можеше да биде твојот брат. Твојата сестра. Твојот најдобар пријател. Ти.
Ова не смее да продолжи.
Мора од корен сè да се промени.
И тоа не утре, не следната година – сега, напиша Петар Здравевски на Фејсбук.