АктуелноЛокално

На доградбата – доградба случај „Матка“

Кањонот Матка во непосредна близина на градот Скопје. Создаден од природата и човечката интервенција, дом на стотина видови пеперутки, ендемични видови растенија, предел богат со пештери, археолошки остатоци, средновековни цркви и манастири. Скоро и да не постои турист кој доаѓа во Скопје, да не го посети ова место, кое за жал ги трпи последиците на сеуште незавршената транзициска несвесност на македонското општество во манир на безредието.

Почнувајќи од паркот во Сарај, реката Треска и излетничките места,  езерото Треска, се до клисурата и браната, ова е најголемиот спортско рекреативен потег до градот. Безброј можности за разладување, пливање, кајакарење, кампување, алпинизам, планинарење, велосипедизам…

Денешната слика одамна ја помина границата на очај. Откако Сарај влезе во урбаните граници на Скопје, се случува градежна експанзија која ја трансформира сликата. Реката Треска повеќе не личи на ништо, нејзиното корито е затрупано со ѓубре од сите страни, додека камиони и багери го уништуваат нејзиниот природен брег.

Езерото Треска одамна личи на поле разрушено од воени дејствија, додека круната на овој потег Езерото Матка и просторот под браната не може да ги засити неконтролираните интервенции и покрај со години апелирањето по медиумите дека се случува безредие. Се е оставено на „локалните велможи“,  сите се вадат на немањето ингеренции за било какви интервенции, додека и онака сиромашната урбана опрема и уредување одамна го има поминато својот век. Идилична претстава на нашата држава.

Она што некогаш претставуваше прекрасен пејсаж, гледано отспротива на патот кој води до браната, тековно се уништува со багери. Од тоа што може да се забележи се изведува пешачка патека и се пробива пат, кој има направено огромна штета, уништувајќи безброј дрва. Пејсажот кој некогаш наликуваше на континентална џунгла, повеќе го нема.

Асфалтниот пат од селото Глумово кон Долна Матка, има кратери небаре сте на месечината, додека се до браната е девалвирано, посипано со ѓубре и нови интервенции на чајџилници, кафеани, продавници кои по својата архитектура покажуваат една панаѓурска идеја наместо архитектонско-урбанистички концепт за развој на туристичка зона. Ракот на македонското поимање на стопанисување – доградба и на доградбата – доградба.

По целата должина ве прати ѓубре со амбалажи со археолошка вредност, бидејќи тука никој не чисти со години. Кога ќе стигнете до браната, интервенциите од година во година зачудуваат со нивниот прогрес – како да никогаш не е доволно од докови за кајаците кои очигледно имаат амбиција да надкријат се поголем дел од езерото.

И кога пристигнувате до она што треба да е поента на целиот простор – Црквата Св. Андреја, го увидувате целосниот македонски транзициски карактер на водење бизнис, давање лиценци, игри со „летни тераси“ и секоја нова сезона проширување на објектите до задушување.

Простор на копно нема, па интервенциите одат и над вода. И се тоа изгледа неплански,  на своја рака и идеја без контекст и чувство за целосната слика. Господ дал многу на Македонија, но за жал нашите генерации не се дораснати на големината и посебноста на природното, историското и градителско наследство. Нашиот однос е подпросечен, безидеен и криминален.

Немањето визија за себе, не уништува во секој дел од нашето живеење и за жал повеќето од нашите стории завршуваат со истите реченици. На Скопје му треба целосно преобмислување на ингеренциите, реевалуација и реорганизација по сите точки, и акција еднаква на постземјотресниот период доколку сакаме да го спасиме и тоа што остана.

Извор: Македонска Архитектура