Емил Јанчевски: Почвата како извор на среќа и финансиска слобода
Во свет кој сè повеќе ја централизира контролата врз ресурсите и трудот, постои професија што продолжува да се спротивставува на овој тренд – земјоделството. Не е случајно што земјоделците, луѓето кои се поврзани со земјата и својот труд, пријавуваат највисоко ниво на животно задоволство.
Во капиталистичкиот модел, трудот на работникот честопати е отуѓен од неговиот производ. Но, земјоделецот е директно поврзан со она што го создава – храната, природните ресурси и одржливоста. Оваа независност е суштината на вистинската економска и социјална слобода, нешто што корпорациите сакаат да го уништат преку индустриското земјоделство и монополите врз храната.
Ова не е само економско прашање – тоа е и политичка борба. Големите корпорации и империјалистичките сили го користат индустриското земјоделство како алатка за зависност и доминација. Секој тон генетски модифицирано семе, секој литар хемикалии што уништуваат природни екосистеми, секоја субвенција насочена кон големите агробизниси, ги прави бројните микро земјоделци зависни од корпоративните интереси.
Но, постои алтернатива – локалното, одржливо и регенеративно земјоделство. Скоро 90% од земјоделците кои се свртеле кон природни методи на обработка пријавуваат значително подобар квалитет на живот во споредба со оние што работат во индустрискиот модел. Оваа трансформација е дел од пошироката борба за социјална правда – борба за локална економија, за независност на заедниците и за храна како право, а не како стока.
Во овој контекст, Големата Резигнација што се случува во корпоративниот свет не е само бегство од лоши и хипертоксични работни услови – тоа е свесен избор за враќање кон похумани и одржливи начини на живот. Одењето по патеката на независно производство значи ослободување од контролата на големите системи. Не е случајно што студиите покажуваат дека поврзаноста со природата го намалува стресот и ја зголемува животната енергија.
Вистинското богатство не е акумулирање акции и капитал – тоа е слободата да се живее без наметнати структури на експлоатација. Водата, храната и независноста се вредности што не можат да бидат заменети со финансиски инструменти. Време е да ја вратиме контролата врз она што е наше – земјата, ресурсите и трудот.
Секој денар што го трошиме е политички чин. Купувањето локална храна поддржува локални заедници. Одгледувањето сопствени производи е чин на отпор против корпоративната зависност. Револуцијата не е само одгледување домати – тоа е создавање системи што не дозволуваат профитирање од нашата зависност.
Објавата на Јанчевски ва пренесуваме во целост: