Концерт на Марија Мендеш и Националниот џез оркестар
На 25 март (вторник), во Македонската опера и балет, со почеток од 20 часот ќе можеме да ја видиме извонредната Мариа Мендеш, португалска пејачка и композиторка која живее во Холандија, која ќе настапи заедно со Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Музиката на Мендеш претставува уникатна мешавина од џез и португалска фадо музика, a нејзините изведби имаат добиено признанија од истакнати музички легенди како Квинси Џонс, Вејн Шортер и Хермето Пашкоал кои ја опишуваат како „џез пејачка од највисок ранг”.
Заедно со пијанистот и аранжер Џон Бизли, Марија Мендеш решава старите фадо нумери да ги изведе во модерно, џез руво – спој кој им носи 4 Греми номинации за двата албуми: „Close To Me” (2019) и „Saudade, Colour of Love” (2022). Токму вториот албум дополнително обработен за Биг Бенд оркестар од страна на Владимир Николов, Марија Мендеш и Јесе Пасение, ќе биде изведен во оваа специјална прилика, на концертот со Националниот џез оркестар.
