Скандал: Им се урнале два тунела затоа што место бетон ставале стиропор – Ова е компанијата која го доби за стопанисување паркингот на Клинички!
Албанската компанијата „Ѓока констракшн“ преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар Мајка Тереза. БИРН ја објави потврдата од министерот за здравство, Арбен Таравари.
На огласот од 15 ноември минатата година се јавила само „Ѓока констракшн“, компанијата е формирана во Тирана во 1994 година, којашто од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.
Таа ќе стопанисува со паркингот во следните 20 години.
Претходно 360 степени објави дека „Ѓока констракшн“, се обврзала да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клинички, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Инаку компанијата „Ѓока констракшн“ во Албанија веќе работи на изградбата на автопатот кој треба да го поврзе Дебар со Тирана, а покрај со градежништвото, семејството Ѓока има компании поврзани со енергетскиот бизнис. И токму околу Автопатот Тирана – Дебар компанијата се најде во најголеми проблеми откако се урнаа два тунели на самиот почеток на изградба на овој автопат.
Првите два тунели на „Руга е Арбри“ се урнаа, не од природни или геолошки причини, туку затоа што беше вметнат стиропор за да се заштеди на бетон, пишува Вокс Албанија испостава на познатиот американски медиум Вокс во нашиот западен сосед.
Ова го вели во објавата поранешен вработен во фирмата „Ѓока констракшн“, која преку објава на социјалните мрежи ја објави економистот Пано Соко.
Свиркачот понатаму додава дека компанијата „Ѓока констракшн“ му задржала 10% од првата плата и одбива да му ја даде бидејќи тој дал отказ и очекува да замине во Англија. Граѓанинот наведува дека оваа фирма „е поврзана со политика и дека даваат мито од 20 милиони и 40 милиони еднаш на три месеци, злоупотребувајќи ја изградбата на патот Арбри“.
„На патот Арбри, првите два тунела со должина од 540 метри, не се урнаа од природни или геолошки причини, туку бидејќи се штедеше на бетонот користејќи се стиропор. Бетонот содржеше во себе стриропор и поради тоа тунелот се урнал. Тунелите се урнаа само по првите 12 метри, ова го констатира обвинителството. Нејасно е колку кубни метри бетон се применети во тунелот колку се украдени, односно колку биле пресметани дека се потребни за тунелите, а колку се во магацин“, пишува меѓу другото граѓанинот.
Соко ги повикува органите на прогонот да ги проверат наводите. Експертот додава дека досегашната финансиска цена на оваа концесија е извонредна голема и тоа е докажано.
„Повик до органите на прогонот. Обвинувањата се конкретни и мора да бидат проверени како минимум или од СПАК или од Обвинителството. Едно е факт, финансиската цена на оваа концесија досега е вонредна. Државата мора да одговори! , пишува Соко до пораката на граѓанинот кој ја поднел претставката.