Дали и во Нерези ИВЗ гради верски објект без дозвола

Како што соопштија општинските власти, инспекциската служба на Општина Карпош пред неколу дена (8 јануари), по добиени информации за нелегалното градење на верски објект во населбата Злокуќани излезе на терен и утврди постоење на нелегален објект.

Инспекторатот одредил 15 дена рок за доброволно отстранување на нелегалниот објект. Доколку објектот не биде доброволно отстранет во предвидениот рок, од општината нагласија дека случајот ќе биде пријавен и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Но дали ова е единствениот верски објект кој се гради надвор од законската регулатива во Општина Карпош? – Од Локалниот огранок на Левица во Карпош денес соопштија дека постои уште еден објект од страна на ИВЗ кој ја заобиколува законската регулатива.

По утврдување на бесправноста на изградбата на џамијата во Злокуќани, жители на Нерези реагираат дека и во оваа населба се гради верски објект без дозвола. По пристигнатите информации станува збор за изградба на верски објект од страна на ИВЗ на катастарските парцели 912/1 и 912/2 во сопственост на ИВЗ и Република Македонија, а кои се наоѓаат во Средно Нерези.

Советниците на Левица поднесоа барање за информации до Општина Карпош кои се однесуваат на овој случај и бараат општинските служби истите јавно да ги соопштат со цел да не се остави простор за шпекулации и тензии, a воедно и да излезат на терен со цел утврдување на фактичката состојба.