АктуелноЛокално

Роса Плавева и Накие Бајрам: Една Македонка и една Турчинка во заедничката борба за правата на жените и социјализмот

Оваа статија ја пренесуваме од страницата „Our Balkans“

Превод од грчки: Сотирис Минас

Се наоѓаме во османлиска Македонија на почетокот на 20-тиот век и конкретно во градот Велес на денешната Република Македонија. Роса Плавева, со словенско потекло, и Накие Бајрам, со турско потекло, соработуваат за ослободувањето на жените, додека истовремено се стремат кон социјални промени.

Роса Плавева (родена како Роса Варналијева) е родена во 1878 година во градот Велес. Во 1900 година се вклучува во Социјалистичката организација, основана од Васил Главинов во 1894 година. Роса беше привлечена од социјалистичките идеји, бидејќи веруваше дека тие ја вклучуваат и борбата за ослободување на жените. Во 1903 година се омажи за Илија Плавев.

Со многу пријателки од турско потекло во мултиетничка Македонија, таа се обиде да ги привлече во социјалистичката организација. Особено по Младотурската револуција (1908) која поставуваше некои прашања за лични и политички права, Плавева често ги повикуваше на состаноци во нејзиниот дом, каде што се собираа неколку десетици жени, главно од турско потекло, и дискутираа за дискриминацијата против нив, вклучувајќи ја и забраната за носење задолжителна зар и фереџе.

Една од најактивните жени од турско потекло кои учествуваа на состаноците и акциите на групата на Плавева беше Накие Бајрам. Накие Бајрам, професионален учител и омажена за турскиот социјалистички новинар Ферид Бајрам, исто така имаше наклонетост кон социјалистичките идеи. Таа одиграла клучна улога во основањето на Друштвото на Жените Турнички во 1909 година, кое обединуваше неколку десетици Турчанки, главно сопруги на офицери од турската војска.

Активноста на двете жени многу ги вознемири властите. Тие беа лидери на организирањето на низа акции со феминистички и социјалистички карактер, додека подготвуваа женски демонстрации против зарот и фереџето. Тогаш, за време на еден од состаноците во домот на Плавева, влегла полицијата и Роса била уапсена и злоставувана.

Освен нејзината феминистичка активност, Плавева имала и силно учество во сите други борби на нејзината епоха. Таа учествуваше во Илинденското востание (1903) на страна на социјалистичката, прогресивна тенденција. Потоа воспоставила контакти со Роза Луксембург и заедно со својот сопруг работеле на основањето на огранокот на Социјалистичката Демократска Организација во Скопје, која била основана со основата на Ерфуртската програма. Во оваа организација членувале и Накие Бајрам и нејзиниот сопруг.

По затворањето на Роза Луќембург и Карл Либкнехт во 1917 година, Плавева ја презела иницијативата за собирање потписи од жени за нивно ослободување. Биле собрани над сто потписи од жени од Скопје, што беше многу голем број ако се земе предвид статусот на жените на Балканот во тоа време. Во рамките на овие борби, Плавева доби прекар: „Македонска Роза“ поради сличноста на името со Роза Луксембург. Во едно од последните писма на Луксембург пред да биде убиена, кое беше напишано на руски, таа ја споменува Плавева како наследничка на нејзините борби.

По завршувањето на Првата светска војна и поделбата на географската област на Македонија помеѓу Грција, Бугарија и Југославија (Кралството на Србите, Хрватите и Словенците), Плавева и Бајрам продолжија со својата радикална активност. Плавева беше основачки член на Социјалистичката Работничка Партија на Југославија (комунисти) од 1919 година. Во 1920 година успеаја да отворат аптека која нудеше бесплатни лекови и бесплатни прегледи два пати неделно за работници/чки. Плавева беше на чело на основањето на Женската Социјалистичка Организација во Скопје како огранок на соодветната југословенска организација. И Плавева и Бајрам беа членови на секретаријатот на организацијата. Во текот на меѓувоениот период, Женската Социјалистичка Организација на Скопје се бореше против економските и политичките дискриминации кон женската популација, барајќи еднаква плата за ист труд како мажите и право на гласање и да бидат избирани.

Жените конечно добија повеќе права преку победата на партизаните во Втората светска војна. Правото на гласање и да бидат избрани им беше признато првично во 1942 година и целосно во 1944 година. Бајрам како учителка со голема возбуда се приклучи на обидите на новиот социјалистички режим да ги привлече муслиманските жени во образованието.

Исто така, забраната за зарот и фереџот за муслиманските жени беше укината со закон во 1951 година. Сепак, ова законско укинување предизвика конзервативна реакција од муслиманското население и не доведе до посакуваните резултати.

По војната, Плавева се пресели во Белград каде што се приклучи на Антифашистичкиот Женски Фронт. Накие Бајрам почина во 1962 година, додека Плавева во 1970 година.

На почетокот на 21-виот век, за време на изградбата на нов мост кој ќе ги поврзува двете страни на реката Вардар во Скопје, кој е истовремено и неформална граница помеѓу христијанските Славени и муслиманите (Албанците и Турците) на градот, македонската уметница Христина Иваноска предложи на Комитетот за именување на улици, плоштади и мостови да се даде двојното име Роса Плавева – Накие Бајрам на овој мост. Според образложението на уметницата, овој потег ќе служи за двојна цел. Од една страна ќе се истакне соработката на двете верски и национални заедници, а од друга страна жените во земјата ќе излезат на преден план, бидејќи до тој момент само 24 од 1078 улици во Скопје носеле име на жена или на некој настан во историјата на жените. Идејата на Иваноска, иако предизвика дебата како во земјата така и во уметничките и феминистички кругови во Европа, не беше прифатена.

Роса и Накие, сепак, останаа во историјата како симболи на комбинирањето на борбата за социјалистичко општество, за правата на жените и на оваа основа, помирувањето на народите од Балканот кои потекнуваат од различни етнички и верски заедници.

*Можете да ја прочитате статијата на грчки јазик на линкот подолу.