Изложба „Сите деца на Родољуб Анастасов“ во Музејот на град Скопје
На 25 февруари ќе се одбележи еден значаен јубилеј – 90-тиот роденден на доајенот на македонското сликарство и професор од првата генерација професори на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ, Родољуб Анастасов.
По тој повод здржението „Архифакт“ – Скопје, во Салон 2 во Музејот на град Скопје на 25 февруари (сабота) во 20 часот ќе организира изложба насловена „Сите деца на Родољуб Анастасов“, на која ќе бидат претставени дела на 42 уметници.
Авторите на изложбата, Јасминка Намичева и Екатерина Намичева-Тодоровска, ги поканија сите студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од ФЛУ (1980-2000 год.) да се приклучат со свое дело на овој јубилеен настан. Со големо задоволство и извонредни сеќавања за педагошката работа на Анастасов, на изложбата учествуваат со свое дело реномираните уметници: Новица Трајковски, Катерина Апсотолска де Сиро, Славчо Соколовски, Бојана Артиновска, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Константин Качев, Симонида Филипова-Китановска, Жанета Вангели, Ѓорѓи Томовски, Миро Масин, Станислава Шаровиќ, Страхил Петровски, Ванчо Јаков, Малка Конеска, Борис Шемов, Елизабета Наумческа, Адем Сулејмановски, Новица Арсовски, Димитар Младеновски, Јован Балов, Ристо Мијаковски, Јулијана Гешоска, Светлана Коруновска-Аџигогова, Виолета Сиљан, Владо Мукоски, Соња Куновска, Марија Величковска, Милош Милосављевиќ, Александар Спасовски, Весна Ничевска, Перица Георгиев-Пепси, Јана Куновска, Трајче Чатмов, Гордана Вренцоска, Александар Иванов, Наташа Андонова, Влатко Костовски, Слободан Биневски, Филип Блажевски, Тања Таневска, Горјан Ѓорѓиев.
Анастасов, покрај тоа што подари на својата Македонија безмалку 500 дела од целокупниот свој бесценет сликарски опус, што е одраз на неговото големо родољубие, сепак, тоа што е уште поголемо родољубие и тоа што самиот Анастасов го смета за свој најголем придонес кон општеството е што тој со својот спокоен и ненаметлив сензибилитет, затскриен зад навидум намќорестата молчалива физиономија, но, исполнет со бескрајна љубов и грижа за „другиот“, успеа да си обезбеди трајно место во срцата на своите ученици и студенти од Училиштето за применета уметност (1968 г.) и Факултеттот за ликовни уметности, УКИМ во Скопје (1980-2000год.), каде предаваше цртање и сликање на додипломски и постдипломски студии.
Резултатот од многуслојната мисија на Анастасов низ образовниот процес на неговите студенти е денеска видлив токму на оваа изложба на која се претставени делата на 42 уметници. Радоста со која сите уметници кои ја прифатија поканата за одбележување на јубилејот 90 години од раѓањето на „нивниот драг професор Љупчо“ можат да ја пренесат само тие самите, но фактот колку голем интерес покажаа уметниците, е дека првичната идеја да се соберат делата само на студентите од неговите сликарски класи се покажа како неважна, бидејки изразија желба да се приклучат и студенти кои само ги следеле неговите предавања, како и магистранти, но и оние студенти – денес реномирани уметници кои животот ги однел речиси на другата страна на планетата, па, така пристигнаа дела од Австралија, САД, Бугарија, Германија, Швајцарија… а сигурни сме дека некаде од небесата, се радуваат со нас и Димитар Младеновски, Јован Балов, Пепи Урошевиќ и Филип Блажевски, чии дела се дел од оваа изложба.
Секој „учител“ би посакал по безмалку 25 години од завршувањето на својата учителска кариера да почувствува барем еднаш во својот живот ваква енергија и љубов како што возвратно ја имаат учениците на Анастасов кон него. И како што Манчевски во една реплика од неговиот филм „Врби“ вели: „Мајка-не раѓа, мајка-сака“ така и Родољуб, вградувајќи бескрајно многу љубов во своите ученици и студенти, создаде одлични уметници и брилијантни луѓе, со што животната мисија на човекот и учител Анастасов е повеќе од успешна. Токму затоа на оваа изложба се собраа „Сите деца на Родољуб Анастасов“ за да ја слават човековата добрина преку уметноста, така како што ги научи „великиот Анастасов“ и да се заблагодарат на човекот кој ја вгради сета своја уметничка ука, човечка љубов и родителско внимание во генерациите кои минаа низ неговото даскалско атеље.
„Денес, на неговиот 90-ти роденден, се радуваме што ја имаме можноста да бидеме современици со за нас „драгиот Љупчо“ кој покажа дека и по многу животни премрежија, човекољубието и уметноста се тие кои го хранат духот на уметникот и го одржуваат во живот. Нека му е честит 90-тиот роденден на Родољуб, со желба да се собираме уште многу идни 25 февруари за да го славиме животот преку уметноста на живеењето“, вели организаторот.
„Токму затоа, со особена чест ве покануваме на изложбата со наслов ‘СИТЕ ДЕЦА НА РОДОЉУБ АНАСТАСОВ’ со дела од 42 уметници во чест на одбележувањето на 90-тиот роденден на професор Родољуб Анастасов, доајен на македонската современа ликовна уметност и еден од основачите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје“.