АктуелноЛокално

Левица: Власта им го продолжи мандатот на судиите со 2 посто доверба

На вчерашната собраниска седница, владејачкото мнозинство во скратена постапка усвои скандалозни измени на Законот за работни односи, кои ќе ја продлабочат очајната состојба во правосудството. Односно, со донесените измени се поместува старосната граница за пензија од 64 на 67 години за избраните и именуваните функционери, по нивно барање.

Под изговор дека оваа потреба произлегува поради дефицитот на кадри во правосудството, ДПМНЕ дефакто ќе им го продолжи мандатот на нивните судии од “тефтерчето” за уште 3 години, а довербата во правната држава ќе продолжи да тоне. Лицемерието на власта е евидентно, која секојдневно обвинува дека судиите и обвинителите не си ја вршат својата работа. Наместо суштински реформи кои ќе ја зајакнат одговорноста на судиите и обвинителите (кои и сега уживаат силна правна заштита) – сведочиме зголемување на нивните привилегии.

При јасна недоверба во судството, власта на Мицкоски со ова докажува дека им го продолжува периодот за уживање на привилегиите од корумпираниот систем на избраните и именувани лица до навршени 67 години.

Потсетуваме дека пратеничката група на Левица поднесе предлог-закон за кривична одговорност на судиите, бидејќи цениме дека огромната заштита која ја уживаат судиите е една од главните причини за силната корупција во правосудството. Апелираме до партиите од власта наместо да го продолжуваат мандатот на корумпираните судии, истите да го поддржат законот на Левица и конечно судиите кривично да одговараат, наместо да бидат заштитени од системот при нивното катастрофално работење, соопштија од партијата.