Левица со нов предлог за измени на Кривичниот законик – Судиите да може да добијат од 6 месеци до 10 години затвор за незаконско судење
Измени на Кривичниот законик и казни за судиите кои во судска постапка ќе нанесат штета се бараат од страна на опозициските пратеници. Во Собранието е доставен предлог за измена на законот, од страна на пратениците на Левица, со кој се бараат од шест месеци до пет години, или од три до 10 години затвор за судиите.
- Судија или судија-поротник, кој во судска постапка со намера за друг да прибави некаква корист или да му нанесе некаква штета ќе донесе незаконит акт или на друг начин ќе го прекрши законот – ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
- Ако со делото е прибавена значителна имотна корист или е предизвикана значителна штета, ќе се казни со затвор од три до десет години– стои во предлог законот за измена доставен во Собранието.
Како што е појаснето во предлог измените на Кривичниот законик, со нов член и ново кривично дело „Кршење на законот од страна на судија“, како посебно кривично дело сместено во Глава ХХХ „Кривични дела против службената должност“, се казнува носењето на незаконит акт и преземањето постапки со кои судијата или судијата – поротник во текот на постапката го крши законот со намера друг да стекне имотна корист или да му се нанесе штета.
Опозиционерите сметаат дека предложеното решение ќе ја зајакне независноста и одговорноста на судиите, ќе ја намали правната несигурност и ќе спречи злоупотреби кои тешко се санкционираат.
– Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, вклучувајќи ги носителите на извршната, законодавната власт и судската власт, во склад со уставните начела на владеење на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Судската власт како посебна е задолжена за заштита на правата и слободите на граѓаните, за непочитувањето на Уставот и законите. Со Законот за судовите е утврдено дека никој не е изземен од постапка пред суд, освен кога со Уставот и со меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот се утврдени случаи на имунитет. Судската власт има клучна улога во обезбедувањето на владеењето на правото. Од судиите се очекува да ги применуваат законите објективно и независно, но истовремено и да носат одлуки во согласност со позитивното право – укажуваат предлагачите во законското решение доставено во Собранието.
Од „Левица“ во предлогот потенцираат дека судиите се последниот филтер на правдата, па доколку тие свесно ги кршат законите, тоа директно го поткопува правниот систем и довербата на граѓаните во судството.
Истакнуваат дека иако имаат есенцијалната улога во остварување на целта за заштита на правата на граѓаните, Кривичниот законик, не предвидува кривично дело кое го санкционира самото „кршење на законот“ од страна на судија при носење одлуки.
– Уставот, гарантирајќи ја независноста и самостојноста на судството, на судиите им признава имунитет, кој се однесува на евентуална заштита одизрекување на мерка притвор при поведена постапка за извршено кривично дело во вршење на судиската функција, а не и на непостоење на никаква можна одговорност кај судијата (т.н. апсолутна неодговорност и неказнивост). Кривичниот законик под поимот „службено лице“ сторител на кривично дело го поименува и избраното или именуваното лице во судовите, како и лица кои постојано или повремено вршат служба во овие органи, но сепак не постои посебно кривично дело кое ги санкционира злоупотребите на судиската функција во текот на судска постапка, што пак остава правна празнина во која судиите можат да манипулираат и коруптивно ја злоупотребуваат својата функција – нагласуваат предлагачите.
Потоа посочуваат дека иако кривичното законодавство на Македонија, како континуитет на СФР Југославија, со цел спречување на корупцијата и незаконитото работење во судството, сè до 1996 година го криминализираше незаконитото работење на судиите и судиите – поротници.
– Имајќи ја предвид намалената доверба во правосудството, заштитата на правата и слободите на граѓаните, препораките на меѓународната заедница за борба со корупцијата во судството и практиката на санкционирање на судиите во земјите од регионот сметаме дека е потребна оваа измена на македонскиот Кривичен законик. Дотолку повеќе, компаративната споредбено-правна анализа на законодавствата од регионов, покажува дека скоро сите екс-ју републики го имаат ова или слично кривично дело во своите правни системи, слично како и законодавствата на Австрија, Германија и други држави-членки на Европската унија и на Советот на Европа – се нагласува во предлог измените доставени во Собранието.