АктуелноЛокално

(Фото) Исмаил: Зошто Тимчо Муцунски и владата бегаат од одговори кои ја засегаат целата македонска јавност?

Статус на народниот пратеник Реџеп Исмаил – Хактан:

Поради игнорантскиот однос на Владата и функционерите на владејачката коалиција која “вешто” избегнува одговори, како што тоа беше случај со седницата за пратенички прашања кога предизвикаа инцидент со колегите пратеници од Левица, денес го искористив своето право и писмено да побарам одговори од министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски.

Првото прашање се однесува на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, за која во предизборието јасно и недвосмислено ДПМНЕ бараше укинување, поради тоа како што и самите изјавија, дека ќе биде искористена како инструмент за надворешен притисок врз македонскиот идентитет и суверенитет, за потоа од позиција на власт на затворена седница го промени нејзиниот состав.

Оттука се наметнува прашањето дали изјавите за штетноста на оваа комисија биле неосновани и се пласирале на јавноста да се добијат политички поени и зошто сега Владата е подготвена да ги спроведува политиките за кои беше најголем противник.

Особено загрижува изјавата на министерот Муцунски од 5.9.2024 год. кога Комисијата ја прогласи за политичко тело кое треба да штити стратешки надворешно политички позиции. На тој начин министерот даде до знаење дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи.

Второто прашање се однесува на политиките за целосната усогласеност со надворешната политика на ЕУ која до сега не ги даде посакуваните резултати, а доколку се продолжи со истото темпо, ќе продолжи директно да влијае на штета на националните, економските и политичките интереси.

Искуствата со кои се соочи Македонија изминатите години покажаа дека дури и да постои стопроцентна усогласеност на надворешната политика на земјата со онаа на Европската Унија, тоа не е гаранција дека ќе напредуваме на европскиот пат, и се покажа дека усогласувањето на надворешната политика ќе подразбира исклучиво она што е во интерес на Унијата како што досега ни донесе промена на уставното име спротивно на вољата на граѓаните, а меѓудругото, и преговарачка рамка во која се ставени услови што задираат во македонскиот идентитет, јазик и историја, преседан што не ѝ е направен на ниту една земја.