АктуелноЛокално

Денеска во Крива Паланка се одбележа 81 годишнината од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош

Денес, 07 февруари 2025 година одбележувајќи ја 81 годишнината од загинувањето на народниот херој на Македонија – Христијан Тодоровски Карпош, пред неговата спомен биста во непосредна близина на градскиот плоштад се реализираа два настана со историска конотација.

Имено во првиот настан, делегација од Извиднички одред Наум Наумовски – Борче од Крива Паланка ја посетија спомен бистата на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош и положија свежо цвеќе во знак на почит на ликот и делото на Карпош, а потоа новите членови во извидничкиот одред на свечен начин со карактеристичниот скаутски поздрав дадоа заклетва.

На вториот настан, поранешните работници од разни текстилни погони на ТРО „Карпош“одбележувајќи 62 години од почетокот на работата на овој гигант и 81 година од загинувањето на народниот херој Карпош. Покрај нив присуствуваа и преставници од Сојузот на борци од Крива Паланка и група граѓани, оддавајќи почит кон народниот херој со едноминутно молчење и полагање на свежо цвеќе, и се евоцираа спомени од нивните предци за Народноослободителната борба и за прекрасните денови на текстилниот гигант. Потсетувајќи се на минатото тие оставија аманет, традицијата да продолжи да се негува и почитува, како кон народниот херој „Карпош“ така и кон фабриката во која со свој труд и заложба допринеле да биде претпознатлива на светскиот пазар.

Исто така беше прочитан и краток историски текст од страна Мартин Додевски –кустос историчар во ЛУ Градски Музеј крива Паланка посветен на борбата и заложбата на народниот херој Карпош во Кривопаланечко, и краток историјат за Текстилната Работна Организација – Карпош.