Владата повторно ќе потроши 1.800.000 денари на тоалетна хартија


Пред пет дена е објавен тендер од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата , каде предмет на набавката е тоалетна хартија и брисачи за хартија, во вредност од 1.868.227 денари. Фирмата која го добила тендерот е „Минако”, претставувана од управител Анита Максимовска Радева.

Пред неколку месеци, одекна веста дека Собранието за набавка на тоалетна хартија потроши 1.331.500 денари, што за 44.000 парчиња значи дека Собранието плаќа по 30 денари за едно парче тоалетна хартија. Од друга страна, фирмата „Минако” очигледно е омилена фирма на оваа Влада, па таа често се јавува како добитник на тендери од страна на разни државни институции, од Уставен Суд, Факултети, министерства, болници и јавни претпријатија. Ваквите нерационални трошења се случуваат за време на поголемите пожари кои ги посведочила Македонија, каде дојде до израз неопременоста на противпожарните служби, при што возила набавени за време на СФРЈ ги гаснеа пожарите.