(Фото) Масовен протест на Партизанска каде згасна младиот живот на Фросина Кулакова поради неказнивост
Граѓаните денеска организираа протестен марш од местото на несреќата кај „Силбо“ до Собранието и судот, во чест на 22-годишната Фросина Кулакова, која трагично го загуби животот на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, откако Васил Јованов, пијан 20-годишник без возачка дозвола возел со 130 километри на час и поминал на црвено.
„Фросина е жртва на системот и неказнивоста“, рекоа присутните граѓани.
Дел од граѓаните дојдоа со транспаренти „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Обвинители = соучесници убијци“, „Не е несреќа, туку убиство“, „Не е кобно местово, туку луѓето и системот“, „Без казна и вашите раце се крвави“…
Протестот се одржува против институционалната негрижа, неказнивоста која го урива системот, барајќи построги санкции.
Присутните чекаа во колона да запалат свеќи во чест на Фросина пред нејзината фотографија на местото на погибието и испратија јасна порака – никогаш повеќе ваква трагедија!
Тие бараат зголемено полициско присуство на улиците, да се вратат позорникарите и да се казнат виновниците за овој случај почнувајќи од обвинетиот до обвинителите и судиите кои го ослободувале младиот возач за претходните дела.