Интервју со в.д. амбасадорот на НР Кина во Македонија, Шу Леи: Иницијативата „Појас и пат“ е платформа за соработка која е отворена за сите и не исклучува или таргетира ниту една страна
Почитуван господине Леи, овој период во Македонија, како и пошироко – така да се каже, низ светот на западната цивилизација, помина периодот на новогодишни празници. Како дипломат, поради природата на вашата работа, веруваме дека многупати сте биле сведоци на вакви празници на европскиот континент. Затоа, би сакале да ве замолиме да споделите со нас малку повеќе за спецификите на прославувањето на Новата година во Народна Република Кина, особено споредено со традициите на западниот свет. Дали има разлики во значењето, навиките и обичаите на прославата на кинеската Нова година во споредба со западните новогодишни празници?
Кинеската Нова Година позната е и како Пролетниот фестивал. Датумот и се одредува според кинескиот лунарен календар и обично е во јануари или февруари, но од година во година варира. За Кинезите, ова е најважниот и најграндиозниот празник во годината. Традиционалниот пролетен фестивал започнува со Фестивалот Ла на осмиот ден од дванаесеттиот лунарен месец или Фестивалот на Божјата Кујна на дваесет и третиот ден од дванаесеттиот лунарен месец и трае до петнаесеттиот ден од првиот лунарен месец. Во овој период, Кинезите одржуваат разни прослави за да им оддадат почит на своите предци, да се ослободат од старата година, да ја дочекаат новата и да се молат за добра жетва.
Кулминацијата на фестивалот е дочекот на Новата Година, кога целото семејство се собира заедно на приготвувањење кинески кнедли, на новогодишна вечера, на новогодишно фотографирање, објавување на стихови за Пролетниот фестивал и останување буден цела ноќ за да се дочека доаѓањето на новата година. Децата добиваат новогодишни пари за кои се вели дека се полни со благословите на постарите за помладата генерација. Овие обичаи продолжуваат илјадници години и ја носат долгогодишната и длабока култура на кинеската нација.
Постојат одредени сличности помеѓу источната и западната Нова Година. Новата година е време за повторно обединување со семејството што е и најважната тема. За време на моето живеење овде повеќе од една година, длабоко почувствував дека иако двете земји се далеку една од друга, нивните култури имаат сличности и поврзаности. На пример, и двете земји имаат традиција на вреднување на семејството, а двата народи се топли, пријателски расположени, вредни и храбри.
Вреди да се спомене дека на 78. Генерално собрание на Обединетите нации во 2023 година се донесе резолуција, Кинеската Нова Година да се вброи како празник на Обединетите нации. Како што влијанието на Пролетниот фестивал продолжува да се шири, тој повеќе не е ограничен само на Кина, туку стана глобален културен настан, наследувајќи ги кинеските цивилизациски концепти за мир, пријателство, хармонија, исто така носејќи ги и заедничките вредности на целото човештво како семејна хармонија, социјална толеранција и хармоничен соживот помеѓу човекот и природата.
Деновиве имавме добри вести од вашата земја. Имено, Народна Република Кина го продолжи безвизниот режим за уште девет земји, меѓу кои и Македонија. Дали очекувате да се зголеми бројот на македонски граѓани кои би ја посетиле Народна Република Кина како резултат на ваквата визна либерализација?
Обидот на Кина за еднострана безвизна политика за македонските граѓани и за граѓаните на неколку други земји ги одразува пријателските чувства на Кина кон македонскиот народ, што исто така е и една од мерките на Кина во подобрувањето на службата за отворање кон светот на високо ниво како и нејзиниот висококвалитетен развој.
Во првите три квартали од 2024 година, Кина ја посетиле околу 95 милиони странски туристи, што претставува зголемување за речиси 80% на годишно ниво. „China Travel“ стана едно од најчесто употребуваните зборчиња на интернет и надмина една милијарда на меѓународниот интернет сообраќај. Додека воведува политика за безвизен режим, Кина ќе продолжи да ја оптимизира својата политика за влез за да обезбеди поголема удобност и подобро искуство за влез на странците.
Според статистиката со која располагаме, од 2023 година, бројот на македонски граѓани кои патуваат во Кина поради бизнис и туризам постепено се враќа на нивото пред Ковид19. Откако Кина ја објави својата безвизна политика за македонските граѓани, истата беше широко добредојдена од страна на народот. Многу македонски медиуми известуваа за тоа, а интернет корисниците го пофалија. Верувам дека безвизната политика дополнително ќе ја промовира размената на кадри меѓу нашите две земји. Се надевам и очекувам што повеќе македонски пријатели да ја посетат Кина, да ја видат нејзината убавина, да ја искусат кинеската култура и лично да го почувствуваат силниот пулс на модернизацијата во кинески стил.
Народна Република Кина десет години работи на популарната иницијатива „Појас и пат“. Оваа иницијатива ја започнавте со воспоставување на два нови трговски патишта кои ќе ја поврзат земјата со остатокот од светот. Во врска со иницијативата, некои, особено западните критичари, тврдат дека со оваа иницијатива Народна Република Кина сака да создаде „кинескоцентричен“ модел на глобална контрола. Дали е навистина така и какви се можностите и перспективите на балканските држави кои се на трасата на иницијативата?
Во 2013 година, кинескиот претседател Си Џинпинг ја предложи Иницијативата „Појас и пат“. Кина отсекогаш се придржувала до принципот на опсежни консултации, заеднички придонес, споделување на придобивките, и е посветена на постигнување на комуникациска политика, инфраструктурно поврзување, непречена трговија, финансиска интеграција и меѓучовечко поврзување.
За време на последните повеќе од десет години, двете земји постигнаа делотворни резултати во практичната соработка на различни полиња. Во 2015 година, првиот EMU воз извезен од Кина во Европа беше успешно пуштен да сообраќа низ земјава, и сè уште сообраќа до поголемите градови. Во 2019 година, официјално беше пуштена во употреба првата фаза од проектот образовна мрежа што Кина ја изгради за вашата земја, која не само што го подобри нивото на информатизација во областа на образованието, туку одигра и важна улога за време на епидемијата Ковид-19.
За време на последните повеќе од десет години, билатералниот трговски обем меѓу двете земји постојано се зголемува. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот билатерален обем на трговска размена во 2014 година изнесува 524 милиони американски долари, а вкупниот обем на трговска размена меѓу двете земји во 2023 година достигна 1,196 милијарди американски долари, што претставува двојно зголемување за 10 години. Кина стана четвртиот најголем трговски партнер на оваа земја. Во последниве години, многу македонски производители на вино активно учествуваа на настаните Import-Expo и Wine Expo во Кина. Висококвалитетните вина од Македонија се фаворизирани од страна на кинеските потрошувачи, а вината на Тиквеш во Кина се продаваат преку онлајн продавници.
Наставните и истражувачките институции на двете земји одржуваат размени и контакти преку платформата на Иницијативата „Појас и пат“. Македонската академија на науките и уметностите, највисоката научно-истражувачка и академска институција, е членка на Алијансата на меѓународни научни организации (АНСО) и во соработка со Универзитетот за кинеска медицина во Џеџианг формира Заедничка лабораторија за пресметковна невронаука.
Балканските земји направија навремени чекори за да ја истражат можноста за усогласување на меѓурегионалната соработка со „Појас и пат“ соработката, каде сите земји имаа потпишано договори за „Појас и пат“ соработка. За време на последните повеќе од десет години, се појавија голем број водечки проекти во заедничката изградба на Иницијативата „Појас и пат“, а проектот за брза железница долг 350 километри што ги поврзува српскиот главен град Белград и унгарската престолнина Будимпешта е еден од нив. Овие проекти станаа и најдобра декларација за ефективноста на Иницијативата „Појас и пат“. Според статистичките податоци на Светска Банка, на среден и долг рок, заедничката изградба на Иницијативата „Појас и пат“ ќе им помогне на речиси 40 милиони луѓе ширум светот да се ослободат од сиромаштија.
Иницијативата „Појас и пат“ е платформа за инклузивна соработка која е отворена за сите истомисленици и не исклучува или таргетира ниту една страна. Иницијативата „Појас и пат“ не е геополитичка алатка, туку нова платформа за земјите да постигнат win-win соработка. Овие опипливи достигнувања не можат да се прикријат со никаква клевета, оцрнување или напад.
Народна Република Кина и други иницијативи, кои се регионални, како што е иницијативата за соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа (Кина-ЦИЕ), чиј дел е и Македонија. Како ја оценувате улогата на Македонија во оваа иницијатива? Кои се клучните достигнувања досега и каде гледате можности за натамошно продлабочување на соработката?
Соработката Кина-земјите на ЦИЕ е платформа за меѓурегионална соработка основана во 2012 година. Заеднички е изградена од Кина и земјите на ЦИЕ врз основа на традиционалното пријателство и заедничката желба за win-win соработка и заеднички развој.
Македонија активно учествува во механизмот за соработка на Кина-ЦИЕ, за промовирање на континуиран развој на пријателските односи меѓу двете земји. Автопатот Миладиновци-Штип (МШ) и автопатот Кичево-Охрид (КО) се првата серија проекти спроведени во рамките на „Специјалниот заем за соработка на Кина-ЦИЕ од 10 милијарди американски долари“. Тие се обезбедени од страна на Кина со повластени заеми и се имплементирани од кинески компании, што отвори речиси 1.000 локални работни места. Во 2019 година, автопатот МШ беше официјално отворен за сообраќај, со што значително се подобри регионалната транспортна мрежа. Ова е реално достигнување на билатералната соработка во рамките на Кина-ЦИЕ. Напредокот на автопатот KO е сериозно засегнат од тешкотиите како што експропријацијата на земјиштето и инженерското проектирање. Во моментов, кинеските компании и соодветните македонски институции прават максимални напори за да ги решат проблемите. Се верува дека по завршувањето, истото ќе ја промовира земјава за нејзино пошироко интегрирање на регионален и меѓународен план.
Координативниот центар за културна соработка Кина-ЦИЕ се наоѓа во Скопје. Културната размена отсекогаш била фокус и обележје на соработката меѓу двете страни. Во 2019 година, Скопје беше домаќин на 4-от министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ, а во 2021 година беше домаќин на Вториот директорски форум на библиотечната унија на Кина-земјите од ЦИЕ (видео конференција). Исто така, во МАНУ се основа и првиот Синолошки центар на Балканот, кој беше домаќин на првата Кинеско-Балканска синолошка конференција.
Последниве години, специјалниот претставник на Министерството за надворешни работи за прашања во врска со соработката меѓу Кина и земјите од ЦИЕ повеќе пати ја посети Македонија, а делегациите на македонски новинари, високи функционери, локални лидери, тинк-тенк организации и политички партии се поканети да присуствуваат на настани организирани во Кина во рамките на Кина-ЦИЕ. Сите присутни ефективно ја промовираа соработката меѓу двете земји на полето на парламентот, политичките партии, локалните власти, медиуми, тинк-тенк организации итн.
Механизмот за соработка Кина-ЦИЕ се придржува до принципите на заеднички консултации и заедничка конструкција, прагматизам и рамнотежа, отвореност и инклузивност, иновации и напредок, и одигра позитивна улога во продлабочувањето на билатералните односи меѓу Кина и зејмите од ЦИЕ и збогатувањето на конотацијата на односите Кина-Европа. Тоа е јасна практика на мултилатерализам и претставува важен дел од односите меѓу Кина и Европа. Се надеваме дека двете земји ќе работат заедно во насока една кон друга за да промовираат попродуктивна соработка на полето на инфраструктурата, образованието, науката, како и културната размена, со цел поголем бенефит за нивните народи.
Со појавувањето на БРИКС на светската сцена, светот се повеќе и побрзо се движи кон мултиполарност. Каква ќе биде улогата на Народна Република Кина во БРИКС во идниот мултиполарен свет во однос на Европа со акцент на ЕУ?
Како важна платформа за соработка меѓу новите пазари и земјите во развој, БРИКС-земјите се залагаат за отвореност, инклузивност и win-win соработка. Тие не се впуштаат во блоковска конфронтација или таргетирање на трети страни, туку се обидуваат да постигнат заеднички развој и универзален просперитет. Шеснаесеттиот состанок на лидерите на БРИКС, кој неодамна се одржа, беше на тема „Зајакнување на мултилатерализмот и промовирање на фер глобален развој и безбедност“. Кинескиот претседател Си Џинпинг истакна дека мораме да изградиме „фер БРИКС“ и да станеме лидери во реформирањето на глобалниот систем на управување. Неопходно е да практикуваме вистински мултилатерализам, да се придржуваме до концептот на глобално управување, на опсежни консултации и заедничко градење и споделување, да водиме реформа на глобалното управување со концептот правда, отвореност и толеранција.
Кина е столбот на БРИКС соработката и е централна членка на Глобалниот Југ. Кина отсекогаш верувала дека Европа во мултиполарниот свет е важен пол. Не постојат геополитички противречности или фундаментални конфликти на интереси меѓу Кина и Европа. Двете страни имаат широки заеднички интереси, соработката е поголема од конкуренцијата, а консензусот е поголем од разликите. Оваа година се одбележуваат 50 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Кина и Европската унија. Кина е подготвена да се придржува до партнерското позиционирање со европската страна, да спроведе обемна соработка со Европа, заедно да работи за да одговори на глобалните предизвици и да промовира одржлив, стабилен и здрав развој на односите Кина-ЕУ.
Заврши 2024 година,пристигна 2025. 2024 година е извонредна година и за Кина и за Македонија. Како ја оценувате изминатата година? Кои се вашите изгледи за односите меѓу Кина и Македонија во новата година?
Во 2024 година, успешно се одржа Третата пленарна седница на 20-от Централен комитет на КПК, правејќи систематски планови за понатамошно продлабочување на реформите и промовирање на модернизацијата во кинески стил. Ја прославивме 75-годишнината од основањето на Народна Република Кина која тргна на ново патување во изградба на модерна социјалистичка земја на сеопфатен начин. Во 2024 година Македонија успешно одржа претседателски и парламентарни избори. Билатералните односи стојат на нова почетна точка, соочувајќи се со нови можности и предизвици. Сепак, без разлика на тоа како се развиваат и менуваат националната и меѓународната ситуација, неколку столбови во односите нема да се променат.
Прво, основата на еднаквоста и меѓусебната почит во односите меѓу двете земји нема да се промени. За Кина, принципот „една Кина“ е основа за воспоставување и развивање на дипломатски односи со земјите ширум светот, вклучително и со Македонија. Веќе некое време, некои луѓе во меѓународната заедница намерно ја искривуваат Резолуцијата 2758 на ОН, лажно тврдејќи дека „Резолуцијата не донесе одлука во врска со статусот на Тајван“. Би сакал да нагласам дека секој потег на негирање на принципот „една Кина“ и поткопување на авторитетот и ефикасноста на Резолуцијата 2758 го врти назад тркалото на историјата, го предизвикува повоениот меѓународен поредок и е осуден на неуспех. Кина мора и ќе реализира обединување. Ова е огромен тренд во историјата што никаква сила не може да го спречи. Се надевам дека Македонија ќе може да се придржува до принципот „една Кина” и заеднички да ја консолидира и продлабочи меѓусебната политичката доверба.
Второ, стремежот на Кина заедно да работи за взаемна бенефит и win-win соработка нема да се промени. Кина и Европа се партнери, а не противници. Суштината на соработката меѓу Кина и Европа се комплементарните предности и взаемната корист и соработка меѓу двете страни. Во текот на изминатата година, Македонија ја посетија делегации на многу кинески компании за да разговараат за економската и трговската соработка, а размерот и обемот на кинеските инвестиции во Македонија продолжија да се прошируваат. Кинеските нови енергетски возила се добредојдени од страна на македонскиот народ, а се повеќе висококвалитетни македонски земјоделски и прехранбени производи влегуваат во домовите на Кинезите. Неодамна, Реџеп Хактан Исмаил, потпретседател на Левица и Амар Мециновиќ, портпарол на партијата Левица, беа во официјална посета на Кина како претставници на македонските политички партии на Дијалогот на политичките партии Кина-ЦИЕ. Тие одржаа дискусии и размена со Комунистичката партија на Кина за продлабочување на взаемно корисната соработка. Соработката меѓу двете страни на различни полиња има широки развојни можности.
Трето, придржувањето на Кина до концептот на отвореност, инклузивност, размена и взаемно учење нема да се промени. Луѓето од двете земји имаат силен интерес за културата на другата страна. Курсевите по македонски јазик што ги нуди познатиот кинески универзитет се популарни меѓу кинеските студенти. Последниве месеци посетив многу градови како Кавадарци, Велес, Битола, Охрид и имав размена со наставници и ученици од многу училишта како што е основното училиште „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонското пријателство“ и присуствував на поетски и ликовни размени и натпревари по ракомет и пинг-понг и други културни настани и спортски настани. Навистина чувствувам дека пријателството меѓу двете земји е длабоко основано на јавното мислење. Развојот на билатеранлите односи има придобивки од поддршката на народите и ќе биде од корист за луѓето од двете земји.
Во исчекување на новата година, се надевам дека што повеќе луѓе ќе придонесат за кинеско-македонското пријателство. Се надевам дека двете страни заедно ќе напишат ново поглавје во односите меѓу двете земји. Заедно ќе работат во изградбата на Заедница со заедничка иднина за човештвото.