(Видео) Мојсоска најавува поднесување на измена на Кривичниот закон за гонење на семејното насилство по службена должност
Излагање на пратеничката Јована Мојсоска на Комисијата за еднакви можности, по однос на улогата на институциите во борбата против семејното насилство. Таа најави дека Левица уште оваа недела ќе поднесе измена на Кривичниот законик со цел заштита на жртвите од семејно насилство:
Податоците кажуваат дека од 2021 до 2023 година, за 176% е зголемено насилството врз жените, девојките и семејното насилство. Во моментот, од пријавувањето, до санкционирање на сторителите, има огромна празнина. Она каде што најмногу се потфрла е казнивоста и санкционирањето на сторителите! Сметам дека тука најмногу потфрлаат институциите. Затоа, често говорам, дека треба да се подигне свеста, пред сѐ, на институциите и квалитетот на нивното работење.
Во извештаите се нотира дека повиците за семејно насилство не се приоритетни, ниту пак специјализирани истражители се испраќаат на местото на настанот. Рокот во кој полициските станици ги известуваат центрите за социјална заштита, по добиена пријава за семејно насилство, може да биде подолг и од една недела – што претставува навистина долг период за ваков тип насилство.
Извештаите укажуваат и дека при пријавувањето на семејно насилство, поединечни службеници го минимизираат и бараат оправдување или во однесувањето на жртвата, или во однесувањето на сторителот. Што укажува дека ние уште на првата линија на пријавување, немаме соодветна екипираност на инспектори за работа со жртви на семејно насилство
Според последните податоци, има само 11 шелтри за згрижување жртви на семејно насилство, а дел од нив не се функционални! Жртвите на семејно насилство на кои им се обезбедува бесплатна правна помош е низок, а ова е особено изразено кај жените од руралните области. Во буетот за бесплатна правна помош биле планирани 5 милиони денари, но ниту 1/3 од овој буџет не бил потрошен, а голем дел од жртвите биле принудени да плаќаат здравствени услуги за повреди здобиени од семејно насилство т.е. не била почитувана обврската за ослободување од трошоци на жртвите на семејно насилство.
Податоците покажуваат дека сторителите на семејно насилство се казнуваат во само 15% од случаите, а само за 3% била изречена казна затвор. Телесната повреда, членот 130 од Кривичниот законик, е во директна контрадикција со Законот за спречување на семејно насилство каде што е предвидено гонење на семејното насилство и телесната повреда по службена должност, додека во сѐ нашиот КЗ стои дека телесна повреда направена во семејно насилство се гони по предлог на жртвата. Сметам дека е потребна итна измена на овој член од КЗ бидејќи секое пролонгирање на измена на оваа одредба значи потенцијални нови жртви на семејно насилство.