ДСП Ленка организира поетска вечер по повод 85 години од издавањето на Бели мугри
ДСП Ленка во понеделник, 25 ноември, по повод 85 години од издавањето на стихозбирката „Бели мугри“ од македонскиот револуционер и поет Коста Солев Рацин, организира поетска вечер во Занаетчкиски дом Куманово.
„Бели Мугри” е меѓу првите стихозбирки напишани на македонски јазик, составена е од 12 песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни). Испечатена е во Самобор, во близина на Загреб во 1939 година. При објавувањето на збирката, Коста Солев го користи псевдонимот „К. Рацин”, пред сѐ поради политички причини, но и поради љубовта кон Раца за којашто пишувал со крв.
Песните се социјални, алудирајќи на отуѓеноста, експлоатацијата и страданијата на работникот. Од друга страна, самиот наслов укажува на поборноста и револуционерноста на Рацин кој низ мачнината на стиховите вдахнува надеж за посветли утра. Оваа збирка, како начело и парадигма, ја претставува македонската суштина, историја и култура.
Од ДСП Ленка ги покануваат сите љубители на пишаниот збор и би ни било чест доколку присуствувате на нашиот настан.