Мојсоска: Дивоградбата во струшката чаршија продолжува да се гради
Дивоградбата во центарот на струшката чаршија деновиве продолжува интензивно да се гради, иако по Решение и Записник од овластен градежен инспектор констатирано е дека се гради незаконски! Ниту е поставена табла за градење (на која мора да е наведена
Дозволата за градење), додека за сомнежите дека се узурпира земјиште на Р. Македонија, никој не постапува. Дивоградба никнува во самото јадро на градот, пред очите на целата јавност, а од институциите само МОЛК. Очигледна е тенденцијата да никне уште една дивоградба која ќе ја огрди струшката чаршија, па со иден Закон за легализација, дивоградбата да се легализира во скратена постапка. Целосно девалвирање на законите, правото и на јавниот интерес.
Иако индициите се дека се УЗУРПИРА државно земјиште, правобранителите надлежни за Струга (Надежда Ѓоревска, Катерина Талевска-Скепароска, Астрит Селими) ги нема никаде да покренат постапка, како надлежен орган кој ги брани интересите на Републиката.
За да ги разбудиме од зимски сон институциите, поднесов БАРАЊЕ до Основното јавно обвинителство во Струга да поднесе барање до надлежниот суд за изрекување на привремени мерки: привремено запирање на градежните активности, отстранување на бесправно изградените објекти како и забрана за понатамошно градење. Според Член 244-а од Кривичниот законик, бесправното градење претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор од три до осум години.
Одговорноста сега е во рацете на ОЈО Струга, кое мора да иницира запирање на градежните активности, како и МВР која треба да поднесе кривична пријава поради бесправно градење. Затоа што ако никне уште една дивоградба во самиот центар на Струга, и покрај механизмите кои можат да ги преземат бројни институции (МВР, ОЈО, суд, правобранители), тогаш не се работи само за корумпирани поединци, туку за тотална системска корупција и моќници кои се посилни од самата држава, напиша пратеничката Мојсоска на социјалните мрежи.