Ќе се најде ли проблемот со кочанската депонија пред пратениците?
Веќе три недели жителите на Кочани бараат решение од властите против енормно загадениот воздух во градот. На народен протест, две недели го блокираат патот до депонијата, којашто е главен извор на загадувањето. Оправданиот народен револт го потврдува и фактот дека бројот на болни од респираторни заболувања и канцер во Кочани се зголемува, велат од Левица.
Пратеникот од редовите на Левица – Борислав Крмов, го посети протестот неколку пати и изрази поддршка до борците за оваа битка. Во рамките на своите ингеренции, тој до Собранието поднесе информација за енормното загадување на амбиенталниот воздух, проблемот со градската депонија во Кочани и побара итно да се најде пред пратениците на Седницата закажана во вторник, но откако тоа не се случи, тој оддржа прес-конференција и побара тоа да се случи наредната седница, информираат од партијата.
„Уставно загарантираното право на здрава животна средина е неспорно! Должност на државата е да го обезбеди истото. Оттука, барањата на жителите на Кочани се интегрален дел од документот доставен до Собранието, а пратеникот Крмов од пратениците и ресорниот Министер, ќе побара нивна примена и итно и неодложно разрешување на проблемот заради којшто граѓаните се со денови на улиците“, се вели во соопштението.
Наредната Седница е на 21 ноември во четврток, дали предлогот на Крмов за проблемот со депонијата во Кочани ќе се најде пред пратениците останува да почекаме. Во меѓувреме, преку интервенција со амандман, пратеникот Крмов побара еден милион денари, да одвои Владата за да ги исполни барањата на кочанчани, поврзани со депонијата.