Левица: Заради купување оружје се кратат пари од ранливите категории
- Реакција на Политичката партија Левица
Нагласеното зголемување на средствата за воените расходи и милитаризација за сметка на намалување на социјалната и еколошката компонента во Буџетот – е алармантен показател за приоритетите на оваа власт. Буџетот за одбрана и купување оружје од САД, е зголемен за 13%, додека, власта на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ на сопствените граѓани, односно лицата од социјални категории, по одредени параметри им скратува неверојатни 40%!
Економската стратегија на актуелната Влада не само што е заснована на истиот модел од претходната на ДУИ и СДС, туку одлучи и да крати од ранливите категории. Особено е алармантно што буџетот за социјална заштита за деинституционализација и социјални услуги се намалува за 44,6%, што значи 245,401 денари помалку. За споредба, буџетот во одбраната, достигнува рекордни 20,5 милијарди денари. Ова е класична илустрација на владините приоритети.
Дополнително, додека македонските граѓани дишат најзагаден воздух во Европа, изгорена е вкупно 4% од територијата на земјата за само едно лето – во делот за заштита на животната средина, буџетот за квалитет на воздухот е намален за вртоглави 33,1%, што не само што нема да ја подобри ситуацијата, туку и директно ќе нанесе сериозни последици врз здравјето на населението.
Левица направи голем број на амандмански интервенции, каде се предлагаат алтернативи за поинаква, поефикасна и поодржлива распределба на средствата. Наместо милијардите за воена опрема и вазалско следење на странските насоки за непотребно вооружување, бараме овие ресурси да се пренасочат во фондови за социјална заштита и влог во екологијата, кои имаат егзистенцијално значење за голем дел од населението.