Бугарија со помош на Западот сака да збрише сè што е македонско
Како и пред Преспанскиот договор „тешката меѓународна артилерија“ е мобилизирана и врши притисок врз Македонија да ги направи уставните измени и да ги внесе бугарите во Уставот. САД, стратешкиот партнер на Македонија, со порака до Скопје, „Ниту за Преспа ќе има нови преговори, ниту со Бугарија за ЕУ, тие договори се завршена работа“. Промената на Уставот би значела пуштање на духот од ламбата, после што нема враќање назад за Македонија и за македонскиот народ и неговите национални интереси.
Новиот премиер и претседател на Македонија, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска Давкова се надеваа дека ќе успеат да издејствуваат промени на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија. Но набргу после стапнувањето на должност, тие се соочија со реалноста, кога од страна на САД и на ЕС јасно и недвосмислено им беше ставено до знаење дека тоа невозможно. Потоа властите во Скопје до ЕУ доставија план за уставните измени со одложено дејство, но судејќи според се тој план не е прифатлив ни за Бугарија, ни за ЕУ. Имајќи го предвид црвсто изградениот антимакедонски државен став во Бугарија, како и самата преговарачката рамка усвоена од страна на ЕУ со Францускиот предлог, притисокот од САД, повеќе од јасно е дека пред властите во Скопје се оставени пред изборот, земи или остави. И покрај целиот притисок од ЕУ и САД, властите во Скопје изјавуваат дека САД се стратешки партнер на Македонија, и дека иднината на Македонија е во евроатланските интеграции.
За време на средбата со премиерот Мицкоски на 24-ти октомври годинава, претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен јасно и недвосмислено изјави „Отворањето на кластерот фундаментални вредности од македонските преговори со Европската Унија е на само чекор до вас, само уште да се донесат уставните измени на кои што Македонија се согласи дека ќе ги направи.“
За САД е стратешки важно Македонија да ги почитува и спроведува Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, и да го промени Уставот и да ги вклучи Бугарите во Уставот. Амбасадорот на САД во Македонија Анџела Агелер во интервју за Радио Слободна Европа изјави „Да бидам многу јасна, Договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но, тоа беше меѓународен договор, со кој тогашната влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Ние секако бевме дел од тој процес и ние аплаудиравме. Тоа е нешто што и помогна на Северна Македонија, сега да влезе во НАТО, и доби многу можности за да напредува во Европската Унија. Бевме многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа “Северна“ во заклетвата. Тоа е од клучна важност и фундаментален дел од Договорот. Сега многу внимателно ќе следиме како се почитува“.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и претседателот на Бугарија Румен Радев остварија средба на 2-ри јуни годинава. Главна тема на разговорот била Македонија, односно усогласување на грчката и бугарската политика во однос на Скопје, како и почитување на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија од страна на Македонија.
Според Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20%, Бугарите и во моментов и како неспомената заедница во Преамбулата на Уставот имаат права како и сите малцинства во државата. Македонија, која во поглед на почитување и поттикнување на културните права на своите малцински народи го има можеби најповолното законодавство во Европа.
Но што би добиле Бугарија и оние што се деклалираат како Бугари во Македонија? Тие ќе добијат редакција во МРТ, основно образование на мајчин јазик и претставник во Комитетот на односи меѓу заедниците во Собранието. Ќе се олесни и пристапот до државно вработување, но и до пари од државниот буџет. Во Македонија живеат вкупно 3.504 лица што се изјасниле како Бугари на пописот што се спроведе во 2021 година. Математички, нивниот број е 0,19 отсто од вкупното население во земјава.
Со промената на Уставот Македонија ќе се доведе до ситуација да финансира и поттикнува антимакедонска култура, историја и традиција. Иронично, македонската држава би имала законска обврска за помагање на великобугарска иредентистичка пропаганда и издвојување на државни ресурси за негирање на македонскиот народ. Сето ова неминовно ќе значи бескрајно и континуирано разгорување на национална омраза и повреда на чувствата на Македонците, фрустрација кон сопствената држава и губење на лојалноста кон државата и чувството на патриотизам.
Во Бугарија кон крајот на октомври беа спроведени предвремени парламентарни избори, кои што се седми за последните три години, и кои што најдобро говорат дека Бугарија се наоѓа во длабока политичка криза. Иако е неизвесно дали ќе добие нова влада, официјална Софија изјавува дека нема да ја прилагодува и менува својата политика кон Македонија.
Бугарија со помош на САД и ЕУ ќе продолжи да ја користи попустливоста на македонските власти за да ги постигне своите историски и стратешки цели. Во последните 150 години Македонија секогаш играла централно место во бугарската надворешна и внатрешна политика, и поради Македонија Бугарија доживеа три национални катастрофи, и учествуваше во Двете Светски Војни на погрешна страна.
Не е логично да очекуваме дека овде би застанала Бугарија. Со влегувањето на Бугарите во Уставот и законодавството во Македонија, би имале правен основ и рамка за сите свои понатамошни иредентистички барања кон Македонија на патот кон Европската унија. Новата влада на Македонија како и секоја претходна влада е со амин и зелено светло на САД и ЕУ. Новата влада ќе ги следи западните политики и интересите на САД, а не националните интереси на македонскиот народ кои што се спротивни од интересите на САД на Балканот.
Но постои ли излез од ситуацијата, и како Македонија би можела да го разврзе Гордиевиот јазол кога се во прашање односите со Бугарија и Грција? Во услови на нов светски поредок, кој што е мултиполарен, решението е независна надворешна политика како во времето на Југославија, или како денешна Србија.