Концерт Пијано дуо во КИЦ

На 2ри ноември во сабота со почеток од 19:19 часот во Културно информативен центар – Скопје, Салон 19:19 ќе се одржи концерт Пијано дуо.

Мимоза Ќека и Јована Трајчева заедно настапуваат од 2018 година. Тие остваруваат успешни проекти како хуманитарниот концерт „Есенска бајка“ за СОС Детско Село, концертните турнеи „Пијанистички звуци“ и серијалот „Празнична рапсодија“ во Филхармонија. Во 2023 година настапија со концерт за две пијана „ФИДАН“ како дел од сезоната на Македонската филхармонија.

Мимоза Ќека е македонска пијанистка со меѓународна кариера, посветена на класичната музика, предавањето и музичкото истражување. Нејзиниот репертоар вклучува дела од барок до современа музика, а во 2022 година го издала својот соло албум „Non-Fungible“ со дела од Бах, Скрјабин и Барбер. Во 2021 година Мимоза ја одбранила својата докторска дисертација на тема „Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката изведба“, истражувајќи нови методи за анализа на музичките изведби што претставува значаен придонес во музичката наука. Студирала под водство на маестра Лилја Зилберштајн, со која го стекнала магистерскиот степен. Низ годините, таа настапувала на престижни фестивали како Охридско лето, Siena Summer Festival, Франкофонски Фестивал Солеј, Златна Лира, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености, а под диригентската палка на Саша Николовски Ѓумар го има изведено Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од К. Сен Санс. Концертирала и во градови ширум светот, меѓу кои Париз, Рим, Бристол, Милано, Прага, Трст, Сиена, Скопје, Њујорк и Истанбул. Нејзиното учество во проектот TEME и усовршувањето на Академијата „Киџана“ во Сиена, Италија, дополнително ја збогатиле нејзината кариера.

Јована Трајчева започнала со музичко образование на седумгодишна возраст во класата на проф. Кармен Костова, а го завршила во класата на реномираниот руски педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Во 2015 година дипломирала на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова, а во 2017 година го стекнала магистерскиот степен по музичка интерпретација со истата професорка. Јована успешно настапува на фестивали како Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva и Есенски Музички Свечености, а остварува и солистички концерти во македонските градови Скопје, Охрид и Тетово. Особено значаен е нејзиниот рецитал во црквата „Св. Софија“ во Охрид во 2017 година. Надвор од Македонија, Јована настапува во Рим, Ибица, Милано и во Cite des Arts во Париз, а има соработувано и со Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Од 2015 година, Јована е активно вклучена во педагогијата, работејќи како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“

Програма за концертот:

Астор Пјацола
Обливион
Адиос Нонињо

Јоханес Брамс
Унгарски танци бр.2,3,5

Џорџ Гершвин
Рапсодија во сино