Ретроспективна изложба на Ибрахим Беди во Чифте амам
Ретроспективна изложба на Ибрахим Беди, ќе биде отворена вечер со почеток од 20 часот во Чифте амам, како дел од годишната програма на Националната галерија. Ќе бидат изложени дела од сите творечки опуси и фази на Беди Ибрахим, од 80-те години на минатиот век до денес.
Беди Ибрахим целиот свој живот го има посветено на ликовното творештво, како на домашната, така и на меѓународната ликовна сцена, создавајќи релевантни ликовни дела кои ја претставуваат Македонија на глобално рамниште, а своите длабоки творечки искуства како професор на ФЛУ на најпрофесионален и најревносен начин им ги пренесува на младите кадри, кои ја претставуваат иднината на македонската ликовна уметност и култура, наведуваат од Националната галерија.
Творештвото на Беди Ибрахим, се посочува во текстот за изложбата, е постојано истражување и експериментирање на полето на скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста што се темелат врз сопствената традиција и личната историја. Креирајќи нови визуелни изразни можности, ги гради неговиот индивидуален ракопис и автентичната ликовна философија.
-Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставуваат активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото. Ретроспективната изложба на Беди Ибрахим во Чифте амам (исламски објект од средината на 15 век, поранешен амам, адаптиран во галериски простор) е сублимат на неговите претходни концепти, т.е. нивно концепциско поврзување. Амамот, со својата специфична архитектонска градба и историја, претставува предизвик за неговата уметничка и концептуална реминисценција во реализацијата на овој проект. Срцевината на концептот за оваа изложба на Беди Ибрахим е во намерата естетски да се обликува и да се артикулира просторот на амамот и да се создаде сопствен визуелно-вербален амбиентален простор во кој минатите дијалози ги преобликува во сопствен монолог за сеќавањето на едно минато време и на тој начин создава ново кажување за идните генерации. Изложбата е составена од повеќе елементи што секој за себе содржат сопствена семантика. Бројните интердијалошки конципирани инсталации и објекти, се восприемаат како збирка мали сказни, кои постапно го пополнуваат монументалниот мозаик на неисцрпната приказна за културите на Истокот. Супериорноста на неговиот билингвален културен код, со автентичната колоратура, во голема мера ќе влијае на збогатувањето и облагородувањето на македонскиот ликовен контекст, наведува авторката на текстот за каталогот за изложбата Конча Пиркоска.
Со асамблажирањето и монтажата на различните фрагменти, и користењето на еко-материјалите, или на старите дисфункционални реди-мејд предмети, додава таа, Беди Ибрахим ќе ги артикулира своите статични и мобилни, ефемерни и трајни инсталации и објекти. Тргнувајќи од arte povera, преку site specific и објект артот, спонатно ќе се доближи до духовниот номадизам. Номадскиот принцип на мислење и творење ќе го регистрираме не само во делата туку и во неговите изјави.
-Различните природни амбиенти на релација Македонија-Турција, се неговиот ателјерски простор. Во нив ги пронаоѓа и ги презема материјалите, им ја втиснува спиритуалната сила трансферирајќи ги од еден, во друг културен топос. Со ефемерните материјали, упорно ја гради и ја разградува архитектониката на својата творечка кула. Таквиот метод на креирање ја означува играта на постојаното телесно присуство/отсуство. На ефемерноста не и е својствена посесивноста, зашто инсталациите се направени од, и за природата. Природата е неговиот коавтор, зашто со нејзините осцилации и временски мени, Беди им ја овозможува слободата да ги доврши, дообликува, или да ги деструира и да ги подготви за некое идно време, за наредно реинкарнирање, во друг облик, и во друг контекст. Поетскиот свет на Беди, од неговите први па сѐ до последните дела е исполнет со хуманистичка дарба и со упорна верба во творечкото дејствување во современиот дехуманизиран свет. Како неуморен трагач по нови приказни, тој за нас ја чува ризницата на интеркултурното наследство, облагородувајќи ја нашата сегашност со сељубовта и со семудроста на минатото, стои во најавата.
Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.
Беди Ибрахим е роден во Скопје во 1959 г. ФЛУ, оддел за скулптура завршил во 1985 г. Во 1999 г. завршил постдипломски студии на истиот факултет. Член на групата Зеро. Во 1991 г. како стипендијант на ФЛУ при Универзитетот Мимар Синан-Истанбул престојувал на истиот универзитет, како и во ателјето на светски познатиот архитект Џенгис Бекташ. Во 1992 г. под менторство на Томур Атагок престојувал на Јилдиз Универзитетот во Истанбул каде вршел истражувања во Кападокија. Во 1999 г. член е на Советот за култура при Министерството за култура, како и член на Комисијата при ФАРЕ фондацијата. Од 2001 година работи како вонреден професор по вајање на ФЛУ. Во 2012 година е избран за редовен професор на Катедрата по вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Имал бројни самостојни и групни изложби во земјава и странство. За своето творештво е добитник на Годишната награда на ФЛУ (1985), Награда за цртеж од НУБ “Св Климент Охридски1995). Во 1990 година добива стипендија од Владата на Р. Турција.
Ретроспективната изложба на Ибрахим Беди може да се погледне до 21 ноември.