Левица: Со европски цени и македонски плати храната недостапна за се повеќе граѓани
Иако платите се повеќе од 2,5 пати помали од европскиот просек, цените на основните производите во Македонија се слични, а за голем дел од производите – и сосема идентични, со цените во европските земји. Една од основните причини за поскапувањето на храната е континуираното уништување на домашното производство, кое со години наназад е истиснувано од пазарот и се заменува со понуда на странски производи со сомнително потекло и квалитет.
Со затворањето на домашните фабрики за репроматеријали во земјоделството (вештачки ѓубрива, семенски и посадочни материјали и сл.), земјоделското производство е тотално зависно од увоз. На сето ова се надоврзува долгиот синџир за набавки, преку безброј трговци на големо и мало, увозници и профитери, кои уште повеќе придонесуват за зголемувањето на цените.
Кога потрошувачката кошница изнесува 61.360 денари, а минималната плата 22.567 денари, јасно е дека стотици илјади семејства се оставени под работ на егзистенција со недоволни средства за да ја уживаат и таа минимална кошница, а уште појасно е дека Владата не може и не сака да се справи со ситуацијата.
Цените на основните производи постојано растат, мнозинството од нашето население се наоѓа пред сериозни финансиско-егзестенционални предизвици. Македонија се соочува со економски притисоци кои ги погодуваат најранливите категории на населението. Недостигот на активна реакција од страна на Владата го продлабочува незадоволството кај граѓаните и ја намалува довербата во институциите.
#Левица повикува на итна стратегијата за ограничување на цените, а последното очајно решение на краток рок е и изработка на национална стратегија за зголемување на домашното производство за храна на среден и долг рок. Без протекционистичка политика за производителите и развојна компонента во домашното производство, храната ќе продолжи да биде сè понедостапна и сè поскапа за македонските граѓани.