Изложба на акварели од Симонида Филиповa и Ари де Гоеш во КИЦ

На 22 октомври (недела),со почеток од 20 часот во Културно-информативен центар – Скопје ќе се отвори изложбата „Водени предели: Импресии од патувања и култури“ – изложба на акварели од Симонида Филиповa и Ари де Гоеш.

Заедничката изложба на Симонида и Ари де Гоеш „Водени предели: Импресии од патувања и култури“, е фузија на многугодишните искуства и посветеноста кон уметноста на двајца артисти, претставена во форма на уникатен дијалог помеѓу нивните рафинирани техники и емотивни изрази. Акварелната техника е средство со кое овие визуелни уметници, и неуморни патници, ја доловуваат флуидноста и постојаната трансформација на пејзажите со кои се сретнале и на влијанијата од културите што ги апсорбирале на секое едно место при своите патувања.

Симонида, позната по нејзината техничка сензитивност, користи енергични потези и живописна палета на бои за да создаде апстрактни форми кои одекнуваат како импресии од нејзината културна траекторија. Водената боја, применета со мајсторство, им овозможува на нејзините композиции да бликаат со својата длабочина и динамика, додека транспарентноста меѓу слоевите создадава игра на светлина и сенка која го предизвикува гледачот да погледне под површината. Нејзиното широко искуство како визуелен уметник е очигледно во богатите детали на формите и нејзината способност да го преведе со совршена прецизност хаосот и енергијата на урбаните и природните пејзажи кои ја инспирирале.

Од друга страна, Ари де Гоеш се фокусира на едноставноста на пејзажите во форма на елегантни полуапстракции, каде што рафинираната техника е фундаментална за постигнување на посакуваната леснотија и спокојство. Неговата прецизна употреба на техники базирани на вода, комбинирана со поедноставување на формите, ги облагородува пејзажите со контемплативен карактер, дозволувајќи му на гледачот да се нурне во спокојот на неговите композиции. Преку транспарентноста и суптилните контрасти, Ари ги претвора обичните сцени во длабоки визуелни рефлексии.
Технички, изложбата „Водени предели“ открива уникатна хармонија помеѓу гестуалната експресивност на Симонида и контемплативната леснотија на Ари де Гоеш. Двајцата уметници се потпираат на различни културни влијанија за да ги компонираат своите апстрактни пејзажи, каде што транспарентноста, суптилните или енергичните потези и интеракцијата меѓу боите и формите се истакнуваат. Апстракцијата е заедничка нишка која овозможува личните искуства од патувањето и интроспекцијата на секој уметник да се соединат во визуелен дијалог.

Оваа фузија на техники и естетски пристапи нуди рефлексија за влијанието на пејзажите, не само како физички простори, туку и како метафори на спомени, емоции и трансформации што ги доживуваат оние кои ги населуваат или посетуваат тие предели расеани по меридијаните. „Водени предели: Импресии од патувања и култури“ е изложба која ја слави уметноста како зачин за внатрешна и надворешна трансформација, поканувајќи го гледачот на контемплација при своето патување низ водените предели на двајца исклучителни уметници, пријатели и патници.

Ари де Гоеш е итало-бразилски уметник роден во Сао Паоло, Бразил, во 1973 година, кој живее во Емилија Ромања, Италија. Се занимава со уметност и креативност од 1987 година, иако по вокација е професионалец во областа на маркетингот.

Неговите слики се фокусираат на полуапстрактни и минималистички претстави на пејзажите околу него. Создава дела кои зрачат со длабока контемплација и спокој. Преку употреба на лесни потези, транспарентни техники, поедноставување и контрастни бои, создава дела кои обичните пејзажи ги претвораат во нешто многу подлабоко. Во срцето на сите негови дела содржана е суптилна леснотија која станува уште помоќна кога е комбинирана со употребата на контрасти. Оваа леснотија во неговиот израз им дозволува на гледачите да се поврзат со неговите дела, со цел и надеж дека ќе ги пробуди во нив истите контемплативни и мирни чувства кои тој ги доживува, но и со допир на провокација кога се гледа во нешто поголемо и посуптилно. Тој силно верува во моќта на уметноста и дека таа е  пат кон самоспознанието. Како што Ари де Гоеш продолжува да создава, тој не ја губи од вид суптилната и привлечна моќ на уметноста, што сјае во сите негови дела.


Симонида Филипова-Китановска

Веднаш по дипломирањето на ликовната академија во Скопје, самостојно се представува во Националната уметничка галерија „Даутпашин амам“. Од тоа прво представување па до денес, нејзината триесетгодишна кариера е одбележана со бројни самостојни и групни изложби на сите населени континенти. Поканите за  демонстрирање на нејзините уникатни техники на сликање, се чести при нејзиното присуство на меѓународната изложбена уметничка сцена (Пан-американска уметничка академија, Сао Паоло, Бразил; Универзитетот Кота, Џаипур, Индија; Фабриано Акварело, Фабриано, Италија…). Добитничка е значајни награди за нејзините уметнички остварувања во повеќе наврати.

1991-1997 година живеела во САД и изложувала во Бостон и во галеријата Агора во Сохо, Њујорк. Како сликарка и визуелна уметница, користела различни медиуми — масло, акрилик, инсталација, комбинирани техники и видео. Меѓутоа, во изминатите десетина години, нејзината работа речиси исклучиво е посветена на истражувањето на акварелот. Оваа техника полна со непредвидливости (како и течението на водата),  но сепак прецизна и немилосрдна кон грешките и корекциите, одговара на нејзиниот карактер, експлозивноста во изразувањето, креирањето цртежи со боја наместо со  линија, и невгасливата жед за инстантна реализација на идеите на празната, бела хартиена површина.

Изложбата ќе биде отворена до 4.11.2024 година.