Шчо напраифне!?

Помина првиот круг на локалните избори! Во општата, главно еуфорична и лажна славеничка атмосфера, во која сите се самопрогласуваат за победници, веројатно само една партија со право има право да се прогласи за „победничка“! Иако, се разбира, никаде не освои мнозинство во советите, Левица е тоа според сите параметри!

Особено, според бројките! Дури и површна компарација, тоа ќе го потврди. На пример, на локалните избори во 2017 година, Левица настапува во 11 општини (од вкупно 80) и освојува само 3 советника. Во 2021 година, настапува во 38 (од вкупно 80) општини и освојува 50 советници! На овие избори, се покажаа точни констатациите на меѓународните фактори дека Левица е најбрзорастечко левичарско движење во Европа. Направивме разултат кој е 15 пати подобар од минатите локални избори и 4 пати подобар од парламентарните (и тоа не на целата територија на државата)! Ова е успех со кој ниту една партија не може да се пофали од осамостојувањето, до денес!

Но, јас ионака не сум љубител на бројките, иако тие денес се модерни. За мене, тие отсекогаш биле post rem – само го квантифицираат очигледното! Статистиката навистина е манипулативна техника: за некого зелка, за некого месо, во просек сарма! Затоа, она што за мене е поважно е квалитетот, пред квантитетот. А што вели квалитетот!? Вели дека на овие избори, станаа видливи две важни нешта!

Прво, Левица се претстави со сосема нов концепт во партискиот, но и политичкиот живот во државата! Тоа ни дава за право да се самопрогласиме за авангарда! Кој е новиот концепт? Левица и на овие избори отиде со јасна идеолошка профилираност! Тоа е особено важно, затоа што токму јасната идеолошка лева провиниенција ни обезбедија внатрепартиска кохезија и единство. Но, што е уште поважно, јасната идеолошка профилација, за прв пат, ги обединија македонските прогресивни и слободарски сили во еден концепт. Тоа ù овозможи на партијата да покаже како е можно обединување на класна, наместо на етно-трибалистичка основа. Празниот и јалов концепт на СДС „едно општество за сите“ беше мртвороденче уште во старт!

Можеме да кажеме дека за прв пат со Левица, таков концепт почна да се остварува! Во општата постизборна галама не може да се види огромниот исчекор што Левица го направи за доброто на татковината. Имено, наспроти смешните обиди на мрежата НГО-а на СДС, да ја прикаже Левица како шовинистичка и десна, Левица на дело покажа што значи надетничко обединување на левичарска платформа. Да не ги набројувам сите примери: во Шуто Оризари, Левица кандидираше Ром, во Старо Нагоричане, Србин, во Штип, Турчинка, во Скопје – мистикот Хактан (тој е само мистик, затоа што сам по себе мистицизмот ги надминува сите огради, па и етничките) ….носители ни беа жени…. Но, не затоа што сме „политчки коректни“, „родово сензитивни“ или „мултикултуралисти“, а тие не затоа што се Роми, Срби, Турци Бошњаци, Власи или жени… туку едноставно затоа што се левичари и компетентни!

Ова ли е тоа „едното општество за сите“ за кое зборуваат!? Ова е! Ова е обединувачката платформа која ќе ја спаси републиката! И покрај сите обиди на НГО-ашите да нè претстават како етно-шовинисти, оваа платформа фаќа сè подлабок корен во републиката и за некоја година ништо не ќе може да го искорене тој стамен корен! Чунки, не ја направивме партијата за еден ден и за едни избори! И верувајте, веќе ни се придружуваат и нашите браќа и сострадалници од македонските Албанци, затоа што многу добро знаат од првиот ден, дека кога говориме против, говориме против криминалците од ДУИ, кои се исто толкави душмани за нив, како и за сите нас и за целата република! Кога говориме дека се канцерот на општеството, многу добро знаат дека канцерот е криминалот, не етничката припадност!

Ова нè води кон втората важна работа! Според мене, дури и поважна од првата. А тоа е фактот дека после 30 години, оваа нација почнува да стекнува свест за самата себе си! Што значи тоа? Ако го послушаме Хегел, а треба да го послушаме, историјата не е ништо друго, освен интелигибилен процес на остварување на слободата! Или како што самиот вели: „Историјата е процес во кој духот се открива самиот себе си.“ И навистина, историјата не е ништо друго, туку дух во движење, потенција во временска самоактуелизација. Историјата на секоја нација навистина претставува згуснување на таа свест за самата себе си! Нека биде преамбициозно, но сметам дека Левица полека, но сигурно станува субјектот на македонската историја, носител на нејзината самосвест!

За СДС немам намера да трошам зборови, во 30 години самостојна македонска историја тие не претставувале никаков историски субјект, тие не биле носители на никаква идеја воопшто, туку само празен епигон на „западни“ историски наративи! И како такви, тие никогаш и не можеле да бидат супстрат на историското ткиво во Македонија. ВМРО, пак, од друга страна, чинам дека таа шанса ја испуштија во 90-тите, со тоа што ја корумпираа и буквално таа историска шанса! Наместо носител на историската свест, тие со тоа станаа нејзината опачина, нашето грдо лице! И затоа, идејата што ја носи Левица, останува онаа историска потенција, онаа историска супстанца преку која нашата историска самосвест ќе дојде до формата за себе си, ќе се самоосвести! Токму заради причините кои ги наведов во првата важна работа. Но и уште повеќе, затоа што го зема врз себе сето антифашистичко и револуционерно наследство на кое таа идеја е никната! И таа идеја ќе зрее. И ќе дозрее! Чунки, не ја направивме Левица за еден ден. И за едни избори!

  • Став на проф. д-р Трајче Стојанов.