Огледало

Зошто пливачите во Македонија се откажуваат од пливањето после матурирање?

Во Македонија има едвај неколкумина пливачи постари од 18 години кои се занимаваат со пливање професионално, на натпреварувачко ниво. Ова е последица од негрижата на институциите за сите пливчи. Најпрвин, пливачите немаат никаква финансиска поддршка за какво било натпреварување или за какви било подготовки. Цените за користење на базените се премногу скапи. Котизациите за учество на меѓународните и домашните натпревари се високи.

Пливачките подготовки, кои се одржуваат од 2 до 3 пати годишно, исто така заземаат голем дел. Пливачите немаат ниту бенефиции за користење теретана, а се разбира дека пливањето само по себе си носи и останати трошоци како и секој спорт. Најстрашното е што не им следуваат стипендии или плати доволни за да се покријат сите овие енормни трошоци. Сè паѓа на грбот на пливачите и нивните родители. После осумнаесетата година, скоро секоја индивидуа сака да се грижи сама за себе, а финансискиот дел кој го зема пливањето во Македонија ги спречува во тоа да продолжат да пливаат. Освен превисоките трошоци во овој спорт, има и други недостатоци.

Мизерно е што пливачите се доведени до степен да немаат ниту пливачки капи со репрезентативен натпис. Трошоците за учество на светски или европски првенства (сместување, пат, јадење) ги плаќаат истите тие деца кои макотрпно работат за да се претстават во најдобро светло и за да го извлечат најдоброто од себе. Клубовите немаат клупски доктори, спортски психолози и сл. Мора да се напомене колку страда и маратонското пливање. Доведени сме до таков мизерен степен што за одржување на еден маратон нема соодветни мерни точки кои го диктираат правецот на пливање.

Се користат некои несоодветни формални реквизити за овие мерни точки кои немаат соодветни димензии и соодветна боја. Исто така, секое лето се случува некој од базените да не работи. Таков случај имаше ова лето со базените во СРЦ „Борис Трајковски“ и базенот во Струга. Во цела оваа катастрофална ситуација има барем нешто добро. Имено, Иван Банов е тренер во ПК Скопје. Досега е единствен тренер во Македонија кој успеал да извади маратонски пливачки после 18 години како: Ивана Неделкоска, Јована Неделкоска и Росана Гошева. Овие девојки досега се имаат натпреварувано на повеќе меѓународни трки од 10км и 19км каде се имаат здобиено со бројни награди. Меѓу останатото, тие се учеснички и на European Aquatics Open Water Swimming Cup на 10км.

Имаат одлични резултати, како и многу награди и на националниот куп во далечинско пливање. Тој ги втурна овие пливачки и во водите на Охридскиот пливачки маратон кој има светско значење за пливањето на отворени води, а оваа година беше дел од Европскиот куп за пливање на отворени води. Ивана и Јована Неделкоски минатата година ја препливаа таа патека, а оваа година Росана Гошева се обиде да ја преплива, меѓутоа не ја комплетираше целата. Иван Банов е тренерот кој го оживеа женското маратонско пливање во Македонија после стагнација од цели 18 години и кој докажа дека ништо не е невозможно.

Неговото дело е историски успех за нашата држава за кој се надеваме дека ќе има континуитет. Се разбира дека за тоа е потребна голема грижа и поддршка од спортскоодговорните институции како и од целокупниот систем на функционирање. Прашање е и до каде оди пливањето во Македонија. Додека сме сведоци на голем број успеси на европски и светски ранг кај соседните држави, ние заостануваме далеку од нив. Дали фали стручен кадар? Кој е клучниот проблем освен превисоките цени во овој спорт кои ги спречуваат пливачите да изведат многу од предвидените активности и да настапат на многу од предвидените натпреварувања?