Левица е единствениот глас против зголемените цени на градинките во Карпош
Интервју со Ивана Стоименовска – советник во општина Карпош
На 53-та седница на Советот на Општина Карпош беше изгласано зголемување на месечната цена за престој во градинките, која сега изнесува 2000 денари, што претставува зголемување од 510 денари поради, како што велат советниците во Карпош, растот на режиските трошоци и цените на прехранбените производи. Оваа одлука беше поддржана од мнозинството советници, со исклучок на Левица, која гласаше против зголемувањето на цените.
Антропол: Како вие, како советник од Левица, ја оправдувате одлуката да гласате против точката за доделување средства за имот на пензионерите? Што ве водеше до оваа одлука?
И.С.: На последната седница на Советот на општина Карпош, во програмата за детска и социјална заштита, буквално во последен момент беше подметната точка за одобрување 10.000 евра за покривање на данок на купопродажба на имот за Здружението на пензионери. На наше барање, точката требаше да биде одвоена од програмата за социјална заштита и да биде гласана како засебна точка. Иако првично го прифатија ова барање, градоначалникот и советниците од СДСМ, по паузата, се договорија да ја остават точката. Народните пари беа доделени без да имаме можност за посебна дискусија. Ние како политичка партија не ја поддржуваме приватната сопственост кога станува збор за јавно добро, односно сметаме дека имотите кои имаат јавна функција треба да бидат државни или општински и со нив да управуваат граѓаните на Р. Македонија.
Антропол: Кои последици произлегуваат од комбинирањето на точките за пензионерите и за децата? Дали сметате дека беше етички и политички оправдано да се гласа за двете точки заедно, односно, верувате ли дека манипулацијата со комбинација на точките влијаеше на исходот на гласањето?
И.С.: Пензионерите беа вклучени во програмата за социјална заштита, па сега кажете ми од кога пензионерите припаѓаат на социјалните програми? Според нас, тоа е чиста манипулација од страна на општината, која под маската на социјална заштита — која за нас, а верувам и за жителите на Карпош, е многу важна — се обидува да протне точка за пензионерите и нивниот личен интерес. Кога во една програма има многу социјални теми, манипулаторот мисли дека ако внесе една точка што не припаѓа таму, ќе не фати на емоции и така ќе оствари личен интерес. Тоа е многу ниско и неоправдано.
Антропол: Доколку точките беа разгледувани одвоено, каков би бил исходот?
И.С.: Точките можат да се разгледуваат одвоено, но за тоа треба мнозинството да прифати. Топката е во рацете на оној кој го контролира мнозинството, а тоа во случајов не е Левица. Дополнително, им укажавме на советниците дека според закон данокот не треба да го плаќа купувачот, туку продавачот на имотот. Дури и градоначалникот Јакимовски потврди дека тоа е така, но сепак одлучија да одвојат народни пари за приватна сопственост, кои можевме да ги вложиме во социјални проекти за заштита на ранливите групи.
Антропол: Како ја коментирате поддршката на советниците од различни политички групи за зголемувањето на цената на градинките?
И.С.: Нашата програма, програмата на Левица, се заснова на идеолошки принципи, а меѓу нив е и бесплатно образование, вклучително и за градинките. Ние сметаме дека градинките треба да бидат бесплатни за сите да можат да си ги дозволат. Нашиот став е јасен, и за жал, сме единствените во Советот што го поддржуваат ова прашање. Што може да се каже за поддршката од другите политички партии за зголемувањето на цените? Тие сите се исти, само имињата им се различни. Тие немаат идеолошки линии; тоа е само фарса и манипулација за народот.
Антропол: Кој е ставот на Левица по прашањето на детската заштита и згрижување во градинките и кои ќе бидат вашите следни чекори?
И.С.: Минатата година имавме иницијатива градинките во Карпош да бидат бесплатни, но се случи токму спротивното, и тоа со поддршка од сите политички партии, токму во услови на социо-економска криза. Нашата идеја останува, но ќе треба да почекаме подобро време — време кога Левица ќе дојде на власт, што според мене, со оглед на катастрофалните политики на ДПМНЕ, не е далеку. Тогаш ќе воведеме нов систем во кој социјалните програми, бесплатното здравство и образование ќе бидат приоритет. Во таква констелација, идејата за бесплатни градинки е повеќе од остварлива.