(Видео + Фото) Страшни сцени од Босна, водата носи сѐ пред себе, поплавени куќи, уништени мостови, над 17 загинати
Катастрофалните поплави кои го зафатија Јабланичкиот крај најтешко го погодија селото Доња Јабланица.
Фотографиите покажуваат големо количество ѓубре и други материјали што ги нанаеле поројните води, што укажува на сериозноста на штетите и опасностите што им се закануваат на жителите.
Спасувачките екипи со поддршка на локалното население неуморно ги раскопуваат урнатините во потрага по преживеани. Блокиран е патот од Јабланица кон околните градови, што уште повеќе го отежнува пристапот и работата на спасувачите.
Досега е потврдена смртта на 17 лица во поплавените подрачја, додека голем број се уште се водат како исчезнати на подрачјето на Јабланица и Коњица. Меѓу загинатите има и едно бебе, додека лекарите во Мостар се борат за животот на мајката.
Властите на Херцеговско-Неретванскиот кантон побарале помош од повисоките нивоа на власта, вклучително и вооружените сили на Босна и Херцеговина, со цел да се обезбеди потребната поддршка во оваа вонредна ситуација. Спасувачките служби се соочуваат со огромни предизвици и многу е потребна поголема помош.
Поради обилните врнежи, поплави ги зафатија и другите делови од БиХ, меѓу кои Кисељак, Фојница и Крешево, каде исто така се забележани големи штети. Состојбата во Коњиц, Крешево и Кисељак останува драматична бидејќи многу куќи се под вода, а граѓаните се принудени да ги напуштат домовите во потрага по побезбедно место.