Кина е светска водечка земја во развојот на критични технологии

Автор – Дарко Тодоровски. Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација.

Според Австралискиот институт за стратешки политики, ASPI, НР Кина стана светски лидер во 90% од критичните технологии. Да, добро читате, истражувањето на Австралискиот институт за стратешки политики, ASPI покажува дека НР Кина сега е водечка светска земја во 57 од 64 критички технологии. За многумина ќе биде тешко да поверуваат дека не САД или некоја друга западна држава, а НР Кина е лидер кога станува збор за развојот на критичните технологии. НР Кина во последните 20 години направи драматичен чекор во науката и истражувањата, што другите земји едноставно не можат да го следат.

Истражувањето опфаќа 64 критични технологии и клучни полиња кои опфаќаат одбрана, простор, енергија, животна средина, вештачка интелигенција (АИ), биотехнологија, роботика, сајбер, компјутери, напредни материјали и клучни области на квантната технологија. НР Кина е светски лидер кога се во прашање квантните сензори, пресметките со високи перформанси, гравитационите сензори, лансирањето во вселената и напредниот дизајн и изработка на интегрирани кола (изработка на полупроводнички чипови). САД водат во квантните пресметки, вакцините и медицинските контрамерки, нуклеарната медицина и радиотерапијата, малите сателити, атомските часовници и генетскиот инженеринг.

За само 20 години, Кина ги надмина САД во повеќето области на технолошки развој и иновации. Во 2003–2007 година, НР Кина беше лидер само во 3 од 64 технологии, но сега е водечка земја во 57 од 64 технологии (за периодот 2019–2023 година, зголемувајќи го своето лидерство во споредба со рангирањето во 2018–2022 година, каде што беше лидер во 52 технологии.

САД водеа во 60 од 64 технологии од 2003 до 2007 година, но во текот на изминатите пет години (2019-2023) води само во 7. Треба да се напомене дека технолошката доминација на САД во моментов е минато. Дури и ако САД покренат национална технолошка кампања на ниво на вселенската трка во 1960-тите, на САД ќе им бидат потребни повеќе од 10 години за да се израмнат со НР Кина. А за да се оствару тоа сценарио, НР Кина треба практично да не инвестира во науката и истражувањата.

НР Кина брзо се движи преку огромни инвестиции во сопствени современи технологии и создавање високо ефективни институции. Кинеската академија на науките беше организацијата со највисоки резултати во целина, со глобално водство во 31 од 64 технологии (48 проценти).

НР Кина пред неколку години ги претекна САД кога се во прашање бројот на меѓународни патенти поднесени од пронаоѓачи. Пронаоѓачите во Кина аплицирале за приближно 68.600 патенти во 2022 година преку Договорот за соработка со патенти, а пронаоѓачите во САД аплицирале за приближно 58.200 патенти.

За споредба, во 2015 година, САД имаа двојно повеќе апликации од НР Кина, а во 2020 година НР Кина се изедначи со САД. Податоците за патенти се клучен показател за научната и технолошката моќ – и силата на економската и националната безбедност што доаѓаат со нив.

Трошоци за истражување на Кина како дел од БДП во 2023 година изнесувале 2,43%, а во САД 3,46% во 2022 година. Во 2021 година САД потрошиле 806 милијарди долари за истражување и развој, а НР Кина потрошила 668 милијарди долари.

Но треба да се има во предвид дека трошоците за разни истражувања, тестови, проби и развој во НР Кина се пониски од оние во САД, и практично САД и НР Кина трошат исто пари на истражување и развој.

Како резултат на успехот на НР Кина, сведоци сме на големите и агресивни дејствија од страна на западната заедница за економски и технолошки задржување на НР Кина во последните неколку години, преку технолошки санкции и технолошка војна.

Но Западот не треба да заборави дека почнувајќи од својот почеток, па се до 17 век, НР Кина била најголемата светска економија, и Кина била водечка технолошка и научна сила. Кинеската нација и цивилизација најверојатно е единствена во светот која што успешно ги поминала фазите на создавање, подем и процут на пасионарноста на нацијата, пад на истата, повторно воскреснување кое што трае и денес, и чиј што сведок е целиот свет.

Како резултат на правилната државна политика, планирање, инвестиции, развој на науката, соработка со технолошките институти и компании, за прв пат после 300 години, Западна држава не е повеќе лидер кога станува збор за критичните технологии. Како резултат на сето тоа, НР Кина успеа да стане лидер кога станува збор развојот и имплементацијата на критичните технологии во 21 век. Дури ни СССР, на пикот на својата моќ, никогаш немал технолошка предност во критичките технологии, а секогаш заостанувал зад Западот.