Раководството на „Зелените“ во Германија поднесе колективна оставка по катастрофалните изборни резултати во неколку германски покраини

„Дојдовме до заклучок дека е потребен нов почеток“, изјави потпретседателот на Партијата на зелените Омид Нурипур во седиштето на партијата во Берлин.

Оставка поднесе и вториот потпретседател на партијата Рикарда Ланг, како и целото претседателство на партијата. Со овој потег, како што пренесуваат германските медиуми, претседателството на партијата ги повлекува последиците од лошите изборни резултати во источногерманските сојузни покраини Саксонија, Тирингија и Бранденбург.

Во Тирингија и Бранденбург партијата не го помина изборниот праг, а во Саксонија со 5,1 отсто го постигнаа својот најслаб резултат во оваа сојузна покраина досега. Аналитичарите оценуваат дека гласачите ја отфрлаат зелената политика на инсистирање на енергетска трансформација, како и партијата која се противи на ограничување на бегалскиот проток.

Новото претседателство на партијата треба да се избере на партиската конвенција во ноември. Од крајот на 2021 година, Зелените се помал партнер во сојузната влада на Олаф Шолц со социјалдемократите и либералите.

Сојузната влада во моментов бележи ниски вредности во анкетите за популарност, а медиумите со денови шпекулираат за предвремено распаѓање на коалицијата поради постојаните кавги меѓу коалициските партнери, пред сѐ Зелените и либералите.