Алексов: Со гол популизам Мицкоски си го крева рејтингот но тоа не носи благосостојба на граѓаните
Колумна на Методи Алексов, Секретар на Секторот Политичка Економија на ПП Левица.
По неколкугодишното зголемување на цените на мало во Македонија, кој пик се случи во четвртиот квартал на 2022 година со, скоро 20% стапка на инфлација, во 2024 година истата е на „прифатливи“ 3,4% за првиот квартал и 3,7% за вториот квартал.
Високата повеќегодишна инфлација го стопи и онака бедниот стандард на граѓаните. Вината и неспособноста на претходната влада на СДС и ДУИ, да се справи со последиците од инфлацијата нема да ја коментираме бидејќи е очигледна и неспорна. Секако таа неспособност е една од причините за нивниот катастрофален пораз на мајските избори 2024 година.
Сегашната влада на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, кои во предизборието декларираа традиционални економски политики на стабилна пазарна економија, во пресрет на „скапите“ есенски месеци се најдоа во небрано па, надве-натри носат гласни популистички одлуки за зголемување на нивниот рејтинг но без анализа дали ќе има ефект врз економската состојба на граѓаните.
На крајот на месец август 2024 година, медиумите пренесоа вест дека владите од регионот преземаат редовни мерки за спречување на зголемувањето на цените на основните производи. Владата на Црна Гора и владата на Србија, со реален пример покажаа дека мислат на своите граѓани, односно во Црна Гора, 66 основни производи имаат ограничени маржи до 31 јануари следната година, а во Србија е воведена мерка за намалување на цените на осумдесетина прехрамбени производи во наредните три месеци.
Примерите на Црна Гора и Србија силно одекнаа меѓу македонските граѓани и оправдано се постави прашањето за воведување на слични мерки во Македонија.
На новинарско прашање што ќе преземе нашата влада по ова прашање Мицкоски упати молба до трговците да работат совесно а се огради од воведување слични мерки повикувајќи се на пазарната економија. Во истата изјава Мицковски изрази сомневање дека вакви мерки можат да дадат посакуван ефект, односно искажа став дека политиките на ограничување даваат спротивни ефекти од тие што се очекуваат.
Само неколку дена подоцна, откако започна училишната година, Мицкоски се фати за истите тие мерки: Владата ја ограничува маржата во трговијата на мало со училишна опрема на 10% а во трговијата на големо на 5%.
Толку од постојаноста на пазарните политики на владата на ДПМНЕ.
Се поставува прашањето што му текна на Мицкоски сепак да воведува политки на ограничување?
Првиот одговор кој се наметнува е ГОЛ ПОПУЛИЗАМ.
Мицковски неможе да си дозволи да заостанува во „грижата за стандардот на граѓаните“ зад останатите држави во регионот. Но, за разлика од Црна Гора и Србија, кои воведоа ограничување на неопходните производи за широка потрошувачка, и тоа за доволно долг период, до крајот на оваа година, Мицковски скромно се фокусираше на трговијата на мало и големо со училишна опрема.
Мицковски, како професор и човек од образованието, морал да знае, а можел и да праша во својата партија, дека пазарот со училишна опрема е сезонски – актуелен е кон крајот на август, пред почетокот на учебната година, па до средината на септември, кога веќе учениците треба да се подготвени за следење на наставата. Покрај тоа што мерката доцни, односно дел од родителите веќе се потрошија за училишен прибор, оваа мерка, веќе кон крајот на септември ќе го изгуби своето значење.
Вториот одговор, на прашањето зошто Мицковски се фати за политка на ограничување на пазарот, е малиот одек од „огромното“ достигнување на Владата да обезбеди учебници за сите ученици навреме.
Уште пред почетокот на учебната година, сите медиуми објавија дека министерката Јаневска обезбедила учебници за сите учениците па и лично гостуваше на повеќе телевизиии тоа достигнување да го потенцира.
Вистина, во споредба катастрофите со претходните министри од владите на СДС и ДУИ, ова е позитивен момент, но не повеќе од тоа. Македонските граѓани не се глупави па знаат дека, да се обезбедат учебници пред почетокот на учебната година не е никакво достигнување туку редовна и најобична обврска на Министерството за образование.
Уште еден момент го помрачи „достигнувањето“ на Јаневска: остана нерешено прашањето за платите на наставниот кадар. Просветарите останаа меѓу најпотценетите професии во Македонија. За воља на вистината, пропадна обидот на, сега опозициониот, СДС да дигне прашина со актуелизирањето на ниските плати на просветарите, но успеаја да го изнесат ова прашање меѓу граѓаните и да го помрачат „достигнувањето“ на Јаневска.
Што е она што им недостасува на политките на Мицковски?
Пред се континуитет! За среќа на Мицковски, не се ретки политичарите, кои денес кажуваат едно а утре друго, вчера важеле едни правила – денес други, за трговијата со основни прехрамбени производи пазарот ќе ги диктира цените – за училишниот прибор ќе се ограничат маржите!
Втора работа која недостасува на политиките на Мицковски е планирањето.
Цела Македонија знае дека во септември растат трошиците за образование и школски прибор, во октомври и ноември растат цените на земјоделските производи за зимница. Пред Нова Година растат цените на јужното и увозното овошје, околу Велигден и Курбан – Бајрам растат цените на јагнињата и останатите месни производи.
Толку ли и е тешко ДПМНЕ да ги планира економските мерки и однапред да ги објавува?
Со воведување на ограничување на маржите на училишниот прибор после почетокот на учебната година, покрај тоа што ефектот врз буџетот на граѓаните е под сомнеж, се загрозува и бизнисот на увозниците и трговците со истиот.
Толку од десничарските пазарни политки на владата на Мицкоски!
Или поточно, што сѐ треба да се знае за десничарските политики на владата на Мицковски:
Како и секоја десничарска партија, нејзина прва и последна цел е да остане на власт. Мерките на популизам, широко раздуени преку купени медиуми, кои не мора да имаат реален ефект врз граѓаните се главниот ветер во едрата на десничарските влади.
Стихијноста на економските мерки е следната карактеристика на десничарските политики. Никаков план и никаква анализа. Но, ако треба да се истакнеме и да не застануваме зад земјите од регионот ќе воведеме ограничување на цените па макар тоа била левичарска политика, па макар, според пазарната логика, тоа била контра продуктивна мерка.
Тоа е заклучокот од изречените ставови и преземените мерки од страна на Мицкоски.
Политичката партија Левица, јавно ги има искажано своите ставови за регулација на пазарот. Сѐ она што е неопходно за граѓаните, особено за најзагрозените категории, ќе биде со ограничени цени. Сѐ она што е од стратешко значење: образование, храна, здравство, лекови, јавни услуги – вода, струја, патарини, јавна хигиена или она што потекнува од природните богатства на Македонија како што е огревното дрво ќе биде со ограничени цени.
Никој не треба да се сомнева дека искажаните ставови на Левица така и ќе се остварат. Она што ќе ја карактеризира економската политка на Левица секако ќе биде носење на мерки со претходна анализа и планирање и навремено запознавање и на граѓаните и на стопанствениците.