АктуелноЛокално

Исмаил: Секуларизмот обезбедува инклузивност и толеранција

  • По однос на интерпелацијата за Гаши и по однос на обвинувањата од Гаши дека станува збор за исламофобија, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, на собраниската седница ја истакна тезата дека исламофобија е поддршката за НАТО и геноцидот во муслиманските држави.

,,Ако ги погледнете сите индекси на исламофобија, ќе забележите дека токму европските земји, особено земјите на НАТО се едни од најголемите исламофобични општества. А вие, драги колеги, со бранењето на овие знамиња на НАТО и ЕУ ги поддржувате исламофобичните општества и со тоа треба да се соочите еден ден! Значи, вие сте исламофоби, само што религијата ја искористувате за свои лични лукративни интереси.

Гледаме дека владејачкото мнозинство е спремно по секоја цена да ги брани своите функционери, па дури и ако тие извршиле бескруполозни прекршувања и на Уставот, и на законите, и на принципите на секуларизмот. Актуелниот претседател на Собранието, Гаши, да имаше политичка култура, самиот ќе си поднесеше оставка.

Наместо да покажат политичка култура и Гаши да поднесе одговорност, тие ни пуштаат голобради момчиња да ни покажат дека сторителите за скандалот на аеродромот биле казнети во МВР. Ние со интерпелацијата не бараме Гаши да биде кривично казнет. Ние бараме политичка одговорност! Тоа е поентата.

Претседателот Гаши во својата одбрана си даде за право да донесе верски суд дека ние кои се залагаме за оваа интерпелација не сме муслимани. Исламот не суди заради правење или неправење на верски обреди. Суди за искористување на државниот буџет за лични интереси. Да бевме во некоја шеријатска држава, шеријатскиот суд ќе му пресудеше на Африм Гаши, а не ова собрание кое што е храм на секуларизмот.

Секуларизмот обезбедува инклузивност и толеранција!

Конечно, принципот на секуларизам обезбедува избирање на добар управник! Традицијата на исламските општества предвидува да се избере управник без разлика на неговите религиска или друга припадност, туку да ја врши функцијата за кој е избран. Вие фаворизирајќи религиски и етнички избраници, само ја поттикнувате нетрпеливоста.